Во интервју за „360 степени“, Андоновски објаснува дека станува збор за „дигитален паричник“, што многу потсетува на „Гугл волет“ или „Епл волет“, што значи дека електронската верзија на личната карта и возачката дозвола ќе бидат запакувани во апликацијата и граѓаните ќе можат да ја покажат за да се легитимираат.Во втората фаза од проектот, како што навестува, ќе биде овозможено и електронско потпишување и комплетна биометриска верификација.
„Добивме позитивен одговор од програмата „Дигитална Европа“, реализацијата требаше да започне во јануари 2025 година, но поради интерни процедури во Европска Унија почетокот беше највен за јуни 2025 година и ние подготвувајќи се, ја имаме модел-верзијата на апликацијата”, рече Андоновски, истакнувајќи дека ова е проект кој е меѓународно партнерство со Министерството за дигитална трансформација на Украина, заедно со програмата „Дигитална Европа“ од која добивме грант од над еден милион евра.
Андоновски најавува дека на дигиталниот самит кој ќе се одржи во Скопје на 1 и 2 октомври годинава ќе биде претставена тест-верзијата или демо-верзијата на апликацијата за да можат првите корисници да ја преземат на нивниот мобилен телефон и да ја користат.Апликацијата, како што објасни Андоновски, засега ќе биде бесплатна бидејќи е добиен грант од над еден милион евра од „Дигитална Европа“ од ЕУ и дополнителни средства за развој на порталот за услуги, на кој оваа апликација е практично идентична.
Во првата фаза, според Андоновски, граѓаните нема да имаат никакви давачки, додека во следната фаза, кога ќе се вклучи дигиталниот потпис и биометриската верификација, може да се појават одредени трошоци.Меѓу другото, Андоновски напоменува дека новиот закон за сајбер безбедност ќе ги зајакне институциите во спречување на хакерски напади, посочувајќи дека законот предвидува формирање на неколку тела – Национален координативен совет за сајбер безбедност, Сектор за сајбер безбедност (во МДТ) и владин центар за одговор на инциденти.
На прашањето дали Владата планира да донесе регулатива за криптовалути, Андоновски вели дека иднината на финансискиот сектор се криптовалутите и доколку светот се движи во оваа насока, земјата нема друга опција освен да размислува за регулација.Според министерот, земјата се соочува со два предизвици во моментов – едниот е да се прифати реалноста и да се признае дека криптовалутите постојат и се тргуваат во Македонија, а другиот е дека преку исполнувањето на целите на Реформската агенда се движи кон Европската Унија и треба да се следи регулативата на Унијата.