Актуелните тектонски поместувања на политичката сцена носат нескриен триумфализам на десницата во САД, а илибералните тенденции, славејќи ја „катаклизмата на неолиберализмот“, веќе со децении се зацементирани во режимите на потегот Белград-Будимпешта-Минск-Москва, со помалку или повеќе успешни аспирации и на другите делови од Европа, како Полска, Словачка… Дали десницата може комплетно да го проголта – како што ги „голтна“ и социјалните мрежи – делот од светот досега познат по либералните општествени устројства и каде е тука левицата? Во предвечерието на распадот на СФРЈ кружеше една анегдота која се случила во Белград и отприлика се одвивала вака. Во 80-те години од минатиот век во некогашна Југославија постоеше Кривичен закон, а неговиот член 133 предвидуваше казна од 1 до 10 години затвор за говор кој ја доведувал во прашање исправноста и ефикасноста на политиката на владејачкиот Сојуз на комунисти. Бидејќи на удар беа главно книжевни, драмски и публицистички дела – а неретко и кафеански бладања во алкохолизирана состојба и раскажување вицеви, главно за „ликот и делото на другарот Ј.Б. Тито“ – казнената одредба беше позната како вербален деликт, пишува Вистиномер. Некој од тогашните белградски прототипи на кафеански боем, „тјуниран“ со свежо откриениот антикомунистички наратив, заглавил во затвор на месец дена заради фамозниот вербален деликт, па во посета му дошле пријателите. Некој донел цигари на подарок, некој колачи, а писателот и афористичар Бранислав Брана Црнчевиќ му го донел гломазниот „Капитал“ на Карл Маркс со препораката – „Врати на германски, не вредеше!“. Досетката го содржела триумфализмот дека комунизмот пропаднал, а со него и трудот на некои од неговите главни идеолози во Југославија, како Моша Пијаде и Родољуб Чолаковиќ, кои го превеле „Капиталот“ од германски на српско-хрватски јазик, додека отслужувале долгогодишни затворски казни во 30-те години во Кралството Југославија; наводно, малку им помагал и Тито околу техничките термини, бидејќи бил бравар со солидно познавање на германскиот јазик.
Светот околу нас. Меѓутоа, посакуваното ослободување од еден тоталитарен режим со невидена брзина – и уште поголема жестокост – создаде низа нови режими. Споменатиот Црнчевиќ, сеедно што е познат како автор на „нежна литература за деца“, важеше за потрчко низ медиумите на групата интелектуалци од Српската академија на науките и уметностите (САНУ), чии идеи синтетизирани во фамозниот „Меморандум на САНУ“ го преобликуваа дотогашниот комунистички лидер на Србија, Слободан Милошевиќ, во озлогласен националист и „Балкански касап“, еден од најголемите виновници за крвавите ексјугословенски војни. Историјата бележи дека натпреварот во таа „дисциплина“ не бил лесен – Хашкиот трибунал сè уште процесира воени злосторства на тлото на екс Југославија – а денешнината предупредува дека тој натпревар можеби никогаш не завршил?Ако, пак, овој можеби разлиен вовед го рашириме на поголемата слика, се поставува вечното прашање за левицата и десницата како политички идеологии и доктрини кои некогаш се антагонизирани, а некогаш испреплетени. Актуелните тектонски поместувања на политичката сцена носат нескриен триумфализам на десницата во САД, а илибералните тенденции, славејќи ја „катаклизмата на неолиберализмот“, веќе со децении се зацементирани во режимите на потегот Белград-Будимпешта-Минск-Москва, со помалку или повеќе успешни аспирации и на другите делови од Европа, како Полска, Словачка… Дали десницата може комплетно да го проголта делот од светот досега познат по либералните општествени устројства и каде е тука левицата? Интересно е што повеќето илиберални автократи на Балканот, во регионот и пошироко најнапред – во најмала рака – биле социјалдемократи. Таков е случајот со Милорад Додик, претседател на Република Српска (партијата му се вика Сојуз на независни социјалдемократи/СНСД), со словачкиот премиер Роберт Фицо (член на Комунистичката партија на некогашна Чехословачка, потоа политичар од Демократската левица, па социјалдемократ и обединител на левичарските партии во антизападен суверенистички блок), но и со Виктор Орбан, кој студирал во Велика Британија како стипендист на Соросовата Фондација, истата таа што подоцна ќе ја демонизира и истера од Унгарија. За руската владејачка елита предводена од Владимир Путин, Дмитриј Медведев и останатите и да не говориме дека главно се состои од некогашни членови на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз (КПСС), кои по распадот на СССР станаа најголемите национал-патриоти. Белградскиот социолог Јово Бакиќ, по повеќегодишни истражувања, направи минуциозна анализа за овие процеси во неговата студија „Европската крајна десница (1945-2018)“. Образложувајќи ги разликите меѓу национализмот и популизмот, Бакиќ вели дека национализмот често е стратешка цел на политичарите од различни идеолошки убедувања, па затоа го употребувале и најголемите интернационалисти – болшевиците од СССР. Од друга страна, популизмот по правило е само средство на политичарите, не се само од партиите на радикалната десница, со цел да ја освојат или задржат власта, без разлика дали се конзервативци, либерали, социјалисти и крајни десничари.
Популизмот во недостаток на јасно одредени клучни вредности во најдобар случај е исто што и демагогија, односно помошно идејно-техничко средство за доаѓање на власт…, пишува Бакиќ. Во истиот тој период и другиот континент свртува в десно. Американскиот историчар на политиката Џорџ Паркер во есејот објавен во магазинот „Њујоркер“ во 2016 вели дека најголемата приказна во изминатите педесет години во американската политика беше надмоќта на десницата, и тоа е приказна за отпадништво. Во секоја фаза од долгиот марш на конзервативното движење кон власта, клучната помош беше обезбедена од еретиците од левицата, пишува Паркер. Ние во светот Кога се анализираат, пак, наративите наменети за домашните прилики, вреди да се навратиме на анализата со значаен наслов Левите и десните во Северна Македонија „братски“ ги шират антизападните дезинформациски наративи што ја објави „Вистиномер“ пред месец и половина:…Постои силна врска помеѓу содржините и изворите на содржините кои се споделуваат на анализираните фејсбук групи. Воедно, тие корелираат и со изјавите на политичарите, јавните личности и политичките случувања во земјата и светот, бидејќи често се потпираат на новинарски написи, но само на одредени и неколку медиуми. Воедно, ова значи дека без разлика дали фејсбук групите се оформени врз основ на лева или десна идеологија, во нив имаме про-руски или про-патриотски содржини, но сепак, кога се антизападните наративи и информации кои одат во прилог на таквите наративи, овие групи не препознаваат идеолошки или јазични бариери, туку спротивно, соработуваат и споделуваат исти или слични содржини кои доаѓаат од исти извори, гласи една од поентите. Затоа и не треба да чудат статуси на Фејсбук полни со воодушевувањата од Орбановата „крстоносна војна“ против вака конципирана ЕУ (овде), кој на Самитот на лидерите на европската трансатлантска партија „Патриоти за Европа“ одржан во Мадрид (7-8.02.2025) ги обвинил бирократите. Со слоганот “Вашето време заврши!“ на самитот во Мадрид, лидерите на крајната десница во Европа најавија дека ќе бидат главни партии во ЕУ. Партијата “Патриоти за Европа“ соопшти дека ќе започне “повторно освојување“ на власта под знамето “Направи ја Европа повторно голема” (Make Europe great again!) – новото “нормално” во Брисел и низ Европската Унија, како стратегија за преземање на власта од социјалистите, либералите и Европската народна партија. Повеќе од очигледно е дека го преземаат слоганот на Трамп во САД “Make USA great again!” “Патриоти за Европа” сметаат дека неодамнешното враќање на Доналд Трамп во Белата куќа сигнализира дека е време Европа да се промени!, славодобитно тврди претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров.
Има една стара поговорка која вели дека ако не си бил анархист или убеден левичар во раната младост, либерал во доба кога започнуваш да градиш кариера и конзервативец во зрелото доба – тогаш си го промашил животот! Македонските десничари некогаш жалат за слабата политичка кондиција на левицата во светот (!), а некогаш се трудат да бидат и цинични, па и на овој начин се пресметуваат со левичарите преку постирање вицеви на Фејсбук, кои би требало да ги одразат идеолошките разлики во врска со политичко-економските доктрини. Сепак, не изостануваат реакциите (овде, овде и овде) на вака профилираните десничари (овде), како и злоупотребата на медиумите, класични и социјални, со слични пропагандни наративи, полни со навреди (овде) и по некоја „поука“ за левичарите (овде и овде). Како што американскиот политиколог Френсис Фукујама во 90-те години од минатиот век избрзано го прогласи „крајот на историјата“ и вечното владеење на либерализмот, така и левичарската ера е прогласувана за мртва веќе деценија и пол. Идеолошката конфузија во која живееме очигледно ја става прагмата пред убедувањата, па дури и праксата, па затоа не треба да чуди одлуката на актуелниот премиер и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да го избере првото: Нема да има ниту еден претставник на Европската народна партија на американската Конференција на конзервативната политичка акција (ЦПАЦ) која почнува утре во Вашингтон, но затоа од Европа ќе дојдат повеќемина популисти и лидери на крајната десница. Во тоа друштво ќе биде и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, гласи поентата на вчерашната вест која ги прикажува геополитичките координати на актуелната власт. Како и да е, на левичарите им останува дали ќе ја послушаат и спроведат командата од насловот, позајмена како „спомен од ЈНА“… Извор: Новинска агенција МЕТА