Иако граѓанските организации побараа долната граница на собрани потписи за влез во изборната трка да биде 50 потписи, собраниски извори за „Слободен печат“ брифираат дека минимумот за учество на независните кандидати на изборите е 100 потписи во најмалите општини, а максимумот, за Скопје, би бил 4.000. Учеството на независните кандидати на претстојните локални избори наесен ќе биде условено со праг на собрани потписи, во зависност од бројот на гласачите на општината. Партиите веќе подготвуваат нова сопка на независните, односно праг за влез во изборната трка повисок од 50 потписи колку што побараа граѓанските организации. Нацрт-верзија на предложените измени на Изборниот законик во делот на независните листи веќе циркулира помеѓу пратеничките групи. Ако партиите се усогласат за прагот за учество на независните кандидати, предлогот се очекува наскоро да влезе во собраниска процедура. Со тоа ќе се надмине вакуумот во Изборниот законик, откако Уставниот суд укина два члена со кои партиите го зголемија прагот за потребни потписи – за еден отсто од гласачкото тело во изборна единица.
Собраниски извори за „Слободен печат“ брифираат дека минимумот собрани потписи за учество на независните кандидати е 100 во најмалите општини, а максимумот, за Скопје, би бил 4.000 потписи. Предлогот е за општини до 10.000 избирачи, независниот кандидат да собере 100 потписи, за општини меѓу 10.000 и 30.000 гласачи потребни се 300 потписи, од 30.000 до 50.000 гласачи – 500 потписи, за општини од 50.000 до 90.000 избирачи – 900 потписи за номинација за независна листа. Независните кандидати за Скопје ќе треба да соберат 4.000 потписи ако сакаат да учествуваатна изборите. Според ова, најмалку потписи, односно 100, ќе треба да приложат независните кандидати за Богданци, Демир Капија, Крушево, Пехчево… За Арачиново, Берово, Радовиш… потребни ќе бидат 300 потписи, за Бутел, Ѓорче Петров, Центар – 500 потписи, додека за Аеродром, Карпош, Гостивар, Прилеп, Тетово – 900 потписи.
И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ начелно се согласни со категоризацијата на прагот за учество на независните кандидати во зависност од бројот на гласачи во општините. Откако Уставниот суд ги укина двете одредби од Изборниот законик, седум граѓански организации до Собранието поднесоа барање за обезбедување на уставно загарантираното право за активно учество во изборите на сите граѓани, без разлика дали доаѓаат од политичка партија или од независна иницијатива. Тие бараат намалување на прагот за потписи на 50 лица, фер услови и за мали општини, собирање потписи и на терен, а не само во Државната изборна комисија, како и продолжување на рокот за собирање.
Поголемите парламентарни партии начелно се согласни да има праг за учество на независни кандидати за градоначалници и за советници, но тешко дека ќе дадат подршка за измена на Изборниот законик во делот на изборниот модел и отворените листи, предложен од ЛДП, а кој утре треба да се најде на пленарна седница. Нема консензус за предлогот наместо со шест, Македонија да биде една изборна единица. Промената на изборниот модел се условува со гласање на дијаспората, со висок изборен праг од 5 отсто или, пак, наместо шест да има осум изборни единици. Разлики има и за отворените листи, кои за дел од партиите се неприфатливи. Според ова, очекувањата се дека ако има измена на Изборниот законик, таа ќе биде во делот на независните листи и препораките од ОБСЕ и ОДИХР. Според поголемите партии, тешко дека ќе се влезе во покрупни измени на Изборниот законик на четири месеци пред локалните избори.
И според експертите, промена на моделот не се прави преку ноќ, затоа што тоа ќе значи решавање и на многу други прашања, кои можеби за некого се технички, но влијаат врз начинот на кој ќе се спроведува и врз работата на ДИК.
Што се однесува за отворените листи, тоа е уште покрупно прашање. Отворените листи треба да се наведат во Изборниот законик, затоа што начинот на сумирање, односно утврдување на резултатите е малку покомплициран. Според експерите, за покрупните прашања треба да се уважи препораката на ОБСЕ, односно да се донесе нов изборен законик.