Пред четири години униформи за холандски медицинари се шиеја во кочанско Зрновци, додека во тетовско Теарце се правеа јакни за германските електромонтери. Компанијата „Мода“ веќе шие кошули за германската полиција откако победила на меѓународен јавен тендер. Големите македонски текстилни компании имаат и капацитет и работници да сошијат секаков вид облека, а секако и униформи за полицијата и за војската, но вез волја се јавуваат на тендерите што ги објавуваат институциите, некогаш поради немање интерес, а некогаш поради страв дали ќе добијат надоместок за сошиеното. Треба да биде јасно дека оној што ќе грабне зделка што ќе им обезбеди работа за подолг период, а која има сигурен пласман на најмалку десетици илјади парчиња, треба да има средства за набавка и на основниот, но и на помошниот материјал, и се разбира да ја заврши работата во определениот рок.
Сепак е трагично, објаснува за „Слободен печат“ Ангел Димитров, извршен директор на „Мода“ од Свети Николе и еден од најголемите познавачи на текстилниот сектор во земјава, ако за фирмата што го добила тендерот, тоа да е преголем залак и потоа некој друг да ја заврши работата во нивно име. Јавноста деновиве се возбуди поради тендерот вреден 3,8 милиони евра, сума за која МВР ќе набавува униформи за специјалната полиција од две домашни фирми. Тендерот првпат бил распишан во декември минатата година, а договорите со новоформираната фирма „Памитекс“ и „Ле Бранд дизајн“ од Битола, се потпишани на 9 април. Како што објави Телма, МВР ќе набавува комбинезон за 250 евра, кратка јакна ветровка или по американски виндстопер за 95 евра, маици за повеќе од 9 евра по парче и беретки за околу 22 евра. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека договорот за униформи е само рамковна спогодба, без конкретни нарачки досега.
Тој потврди дека сите барани технички услови за квалитет се исполнети и најави дека процесот ќе биде транспарентно следен. – Ваквите тендери не се ништо ново во земјава, така се работи со години наназад. Лошо е што ваквите обемни зделки ги добиваат фирми со еден или со неколку вработени, кои ако не успеат да ја завршат нарачката, ја пренасочуваат кон други подизведувачи. Пред неколку години имавме случај кога текстилна фирма со еден вработен доби тендер за шиење униформи, а работата ја префрли во Србија да ја заврши, но откако и српската фирма се откажа поради непознати причини, униформите беа повторно вратени во Македонија да се доработат – потсетува Димитров. Сепак, ако не дома, македонските текстилци учествуваат и добиваат работа на меѓународни тендери. Компанијата „Мода“ веќе шие кошули за германската полиција откако победила на меѓународен јавен тендер. – Кога се излегува на ваков тендер, треба да покажете и да докажете дека имате капацитет и да ја сработите работата без грешка за да не ви ја вратат. Добро сработеното понатаму се користи како препорака за натамошните работи и евентуалните учества на странски тендери – вели Димитров.
Пред четири години униформи за холандски медицинари се шиеја во кочанско Зрновци, додека во тетовско Теарце се правеа јакни за германските електромонтери. Шесте компании што во 2021 година за првпат учествуваа на Саем за работна облека во Германија, се вратија со нови нарачки. За време на короната, наместо кошули и униформи, домашните компании шиеја заштитни маски, бидејќи единствен начин за преживување беше изработката на заштитна опрема. Така, на пример, штипската конфекција „Албатрос“, која изработуваше униформи за традиционалните партнери од автомобилската индустрија, сосема го приспособи своето производство за да не отпушта работници. Една од специфичностите на извозот од текстилната индустрија е високата застапеност на лон-производството, што во производството на облеката константно учествува околу 93 отсто, а само 7 отсто отпаѓа на класичното производство. Оттаму, оваа дејност е со висок степен на зависност од случувањата односно порачките за производство од странство. Најзастапени групи производи во извозот од текстилната индустрија се: женски блузи, кошули и кошули-блузи, машки кошули од памук, панталони, работни комбинезони, машки јакни и џемпери и слично.