Голема компанија влегува и во голем износ на задолжување. Таков е примерот со Тутунски комбинат од Прилеп, кој ќе земе кредит од 13 милиони евра од две моќни македонски банки. Станува збор за Комерцијална и за НЛБ Банка, кои ќе го кредитираат Тутунски комбинат од Прилеп со суми од по 6,5 милиони евра, но притоа треба да се напомене дека не станува за класично кредитирање, туку за кредитни рамки кои ќе се користат во период кога компанијата ќе има потреба од средства.
Таква одлука деновиве донело Собранието на акционери на компанијата, а како што е познато, доминантен акционер во оваа компанија е токму Владата, која поседува дури 82,66 отсто од капиталот, додека, пак, 6,78 отсто од обичните акции на ова друштво поседува исто така државна институција, односно Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија. Но, во оваа компанија има и 2.717 акционери кои се домашни физички лица, и кои заедно поседуваат акционерски капитал од 10,48 отсто, како и 12 акционери странски физички лица, кои поседуваат вкупно многу мал процент од акциите, односно минорни 0,04 отсто.
Така што, Собранието на акционери, а каде што главниот збор секако го има Владата како најмоќен и најзначаен акционер, му дава согласност на Тутунски комбинат Прилеп да се задолжи на сума од 13 милиони евра, па компанијата со Комерцијална банка како доверител ќе склучи Договор за рамковен револвинг кредит-лимит, врз основа на заложно право врз подвижен и недвижен имот и обезбедување со меници, на износ до 6,5 милиони евра. Исто така, со НЛБ Банка компанијата ќе склучи Договор за рамковен револвинг лимит со меници, на износ од 6,5 милиони евра. Врз основа на овие, ќе се склучат и поедиченни договори за залог, а одлучено е и да се даде согласност друштвото да заснова заложно право врз свој недвижен имот, кој ќе служи како гаранција за враќање на кредитот.
Прво, ќе се заснива заложно право на Деловен комплекс кој се наоѓа во Прилеп и тоа во Варош, од 34.487 метри квадратни, и тука влегуваат згради во индустријата и рударството, како и главно лесна и незагадувачка индустрија, а има само еден дел со тешка и загадувачка индустрија. Натаму, ќе се стави заложно право врз друг деловен објект во Прилеп, исто така во Варош, од 2.072 метри квадратни, каде што влегуваат згради во индустријата и рударството. Потоа, ќе се става заложно право и врз деловни згради за откуп и складирање на тутун кои се наоѓаат на повеќе локации и каде што влегува главно лесна и незагадувачка индустрија, други објекти од лесна и незагадувачка индустрија, потоа згради во останатото стопанство, Б 4 деловни простории. Се става залог и врз земјиште, под и околу објектите, кои исто така се наоѓаат во Прилеп.
Поради обезбедување на побарувањата, се дава право на Комерцијална и на НЛБ банка, врз основа на договорите за рамковни ревовинг кредити, Друштвото да заснова заложно право и врз подвижен имот, и тоа, опрема за фотоволтаична електроцентрала со инсталирана моќност од 994,56 kwp, составена од разводни ормари, соларни кабли, конектори, енергетски кабли, потоа монокристален фотонапонски модул, како и инвертер. Со оглед штоп рамковните кредити од 13 милиони евра се 80 отсто од книговодствената вредност на компанијата, за неа согласност требаше да даде Собранието на акционери.
На оваа зделка е потпишан генералниот извршен директор на Тутунски комбинат Прилеп, Александар Алексовски. Тутунски комбинат, иакмо е акционерско друштво во државна сопственост, но работи во партнерство со Филип Морис и во последните две години тоа му носи позитивни резултати.
Н.Н.Ф.