Најмногу работодавачи дале регрес за годишен одмор во 2019 година – 44.839, а најмногу работници – 459.451 добиле К-15 во 2024 година, покажува статистиката на Управата за јавни приходи, за тоа како од 2018 година до лани се одвивала исплатата на ова работничко право. До трудовите инспектори лани стигнале 513 претставки за неисплатен регрес Најмногу работодавачи дале регрес за годишен одмор во 2019 година – 44.839, а најмногу работници – 459.451 добиле К15 во 2024 година, покажува статистиката на Управата за јавни приходи, за тоа како од 2018 до лани се одвивала исплатата на ова работничко право. Од нивните статистики произлегува и дека просечно исплатените средства за овие 7 години, се зголемиле за 8.000 денари, односно од 10.256 во 2018, лани просекот изнесувал 18.452 денари.
– Во 2018 година 333.773 работници примиле регрес, а лани нивниот број изнесувал речиси 460 илјади, што претставува зголемување од над 133 илјади работници. Од друга страна, многу слабо расте бројот на газдите што го исплаќаат ова законско право, односно за 7 години нивниот број пораснал за само 3.000 – покажува анализата на УЈП.
Експертите ова го толкуваат според народната „кој дава, пак дава“, додека останатите плаќаат казни и повторно следната година ги задржуваат овие пари за себе. Повеќе од 84 илјади вработени во администрацијата добија по 11 илјади денари за К-15. За вработените во приватниот сектор, законскиот К-15 беше околу 16.800 денари, односно 40 отсто од просечната плата исплатена во последните три месеци. Исплатата требаше да заврши до крајот на 2024 година, а законски почна да се исплаќа од 1 јуни. За работодавачите што нема да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени, Законот предвидува казна до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра за компанијата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.
Активистката за работнички права Кристина Ампева од Здружението „Гласен текстилец“ постојано упатуваше апел до работниците да не потпишуваат принудно бланко листови од страна на работодавачите!
– Како и секоја година, „благодарение“ на лошиот Колективен договор, се дозволи намалена исплата на К-15 под превезот на наводни деловни тешкотии. За 2024 година, гарантираниот износ беше 16.800 денари, но често, преку манипулации, работниците добиваа само 1.000-3.000 денари – наведува Ампева во својата фејсбук-објава.
Таа исто така упати апел и до Управата за јавни приходи да истражи компании што секоја година пријавуваат загуби за да, како што вели, исплатат помал К-15, додека обновуваат возни паркови и градат луксузни вили. Порталот Работник објави дека до Државниот инспекторат за труд за 2024 година вкупно пристигнале 3.322 претставки. Од нив, најголемиот дел или 812 се по разни основи како прекршување на правата од областа на безбедност и здравје при работа, лоши работни услови и други права кои произлегуваат од работниот однос. По нив следуваат оние за неисплатен К-15, за кој добиле 513 претставки, престанок на работен однос спротивно на законските прописи – 396 претставки итн. Во 2023 година до нив пристигнале 415 претставки, за неисплатен К-15, делумно исплатен или ја исплатена целосната сума, но потоа парите биле барани назад.
Според актуелниот Колективен договор, работодавачите што имаат финансиски тешкотии можат да исплатат помала сума од предвидената, која изнесува 40 отсто од месечната нето-плата по работник, па така газдите што имаат финансиски тешкотии можат да исплатат само 100, 500 или 1.000 денари. Статистиките покажуваат дека најмалку го исплаќаат газдите од секторот трговија.