1. Дали ни останува само да се смееме? Веројатно така може полесно да се свари веста дека претседателката на Антикорупциската комисија е под истрага за – корупција. Претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) Татјана Димитровска е осомничена дека му давала податоци за истрагата на лице што е обвинето баш за корупција. Му праќала пораки на вибер и вотсап. Претседателката што беше избрана за членка на ДКСК со највисоки оценки од партиите во Собранието, со образложение дека „има големо искуство во борбата за спречување на корупцијата и судирот на интереси и има јасна визија за работата на ДКСК“.
Па, нели ни останува само да се смееме? Греота сме да се разочаруваме сега кога си ја добивме Катица број 2. Првата антикорупционерка под истрага за корупција. Исто е како случајот со специјалната обвинителка Катица Јанева која ловеше корупција, а заврши в затвор баш за корупција. На Катица обвинетите ѝ подаруваа мебел и чанти, а Татјана на обвинетите им праќала пораки по телефон за постапките против нив. Искуснава антикорупционерка, кај правела кривично дело, откривала службени тајни, туку уште и траги оставала. За полесно да ја фатат. Којзнае, можеби затоа само што стана претседателка побара и доби дипломатски пасош. Може си мислела дека со дипломатскиот пасош ѝ следува и дипломатски имунитет. Катица барем издржа неколку години на функцијата, и тоа во најтешкото време, па поднесе и десетина обвиненија за високи функционери, пред да ја спакуваат в затвор баш тие што ги гонеше. А Татјана по само три месеци откако стапила на функцијата почнала да шпионира за обвинети. Подолго време оддавала службени тајни отколку што била на функција.
2. А до пред само една недела се чудевме како Антикорупциската комисија си немала работа и одеднаш си нашла. Ѝ текнало да ги проверува текстовите на законите. Па препорача менување на Законот за јавни набавки, зашто овозможувал многу доверливи информации што ја загрозуваат приватноста на учесниците на државните тендери. Премногу информации се давале во јавноста. Нема што толку детално да им се кажува на граѓаните како државата им ги троши парите. Замислете, тоа го предложија антикорупционерите. Тие што треба да ловат корупција. Ама па, колку и да е апсурдно, си реков, можеби тоа го прават за наше добро. Да не се секираме како ни ги трошат парите. Оти, што повеќе знаеме, толку повеќе се секираме.