Студентката од Американскиот универзитет во Бугарија, Стефанија Алексова загина во пожарот што се случи во неделата во Кочани. Трагедијата никого не остави рамнодушен. Ако се суди по објавите и тажните збогувања, Стефанија била една од омилените во друштво, без разлика дали се работи за групата од универзитетот или фолклорната група во Кочани за која настапувала со години. Цеце, како што ја нарекувале, била нивната ѕвезда, која згаснала таа кобна ноќ, на 15 март, неколку часа по полноќ. Факултетот на кој таа посетувала настава имал само убави зборови за студентката.
-Со најтешко срце ја споделуваме погубната вест за смртта на нашата единствена Стефанија Алексова. Стефанија, блескава и сакана студентка во втора година од Кочани, Северна Македонија, трагично ни беше одземена во пожар што избувна во ноќен клуб во нејзиниот град. Оваа незамислива загуба нè остави во длабока тага, а нашите мисли се со нејзиното семејство, пријателите и сите кои ја познаваа и сакаа, се вели во соопштението на Универзитетот во кое потоа се додава:
– Упатуваме најдлабоко сочувство до семејството на Стефанија, вклучувајќи го и нејзиниот брат, кој е ценет член на нашата АУБГ заедница. Не можеме да ја разбереме длабочината на вашата тага, но ве молиме знајте дека сме со вас во ова срцепарателно време. Вие сте во нашите мисли, а ние сме тука да ве поддржиме на секој начин. Под ова официјално соопштение од Универзитетот во Бугарија се наоѓаат стотици простувања од тажни колеги кои испраќаат сочувство. Стефанија не била заборавена ниту од нејзините најблиски од Кочани.
– Со голема болка и тага ја примивме веста за загубата на срцето и душата на Ансамблот. Стефанија, Цеце, беше член, соработник и тутор на Ансамблот, која принципиелно ја извршуваше својата должност. Научи многу деца и возрасни како да го сакаат и живеат фолклорот. Ќе те паметиме засекогаш. Сочувство до семејството, се вели во соопштението на АТМИ „Митко Алексов“ Кочани, кој објави фотографија на која таа е облечена во народна носија.