По не знам кој пат ќе повторам дека општина Гази Баба ги живее најмрачните и најлошите години од своето постоење. Континуитетот на приватизирање на општината триесет години наназад под водство на ДПМНЕ како во општинската администрација така и во јавните претпријатија и институции кулминираше согласно мандатот на актуелниот вршител на должноста – градоначалник Бобан Стефковски. Општинската буџетска каса служи за партиски вработувања и партиско политички интереси. Триесет години слушаме од истата таа ДПМНЕ, секоја кампања, секој изборен циклус дека ќе ја гледаме Гази Баба “европска”, “модерна”, “обновена” и каква уште не, а реалната вистина е дека сеуште се говори дека во општината на одредени места нема ниту питка вода за пиење, канализација, асфалт.
Во 21 век не постои поголем пораз кога се зборува на овие теми дека недостасуваат. Триесет години да ги посветеа само по една година на работа од својот мандат нашата општина ќе беше далеку подобро место за живеење. За поразот да биде поголем и покрај сите овие недостатоци, законот и редот во општината се смисловна именка. Локални шерифи, доделување маркици на едни исти луѓе, полицијата постои исклучиво за обичниот граѓанин, нормално ако не сте дел од ДПМНЕ или близок соработник на градоначалникот. Гази Баба се гуши во смет и во шут токму од оние кои треба да ја оддржуваат хигиената во општината. Сведочевме како возила на ЈКП Гази Баба депонираат шут и отпад на дивата депонија Вардариште и потоа палат. Канцерот кои го создаваат го дишат и тие самите, но очигледно интересите се над здравјето на сите нас.
Во исклучителна тешка општествена ситуација кај нас и време на тешка морална криза како продукт на владеењето на ДПМНЕ во Гази Баба последните триесет години, единствено ни останува да кажеме СТОП на следните локални избори преку најдемократскиот процес. Во таа насока да бидам искрен, остварив средби со неколку политички субјекти изминатиот период. Остварив средби со граѓаните и граѓанските организации ширум општината. Спортски клубови, организации, мали и големи претпријатија кои егзистираат на нашата територија. Нивните укажувања ми даваат мотив, простор и решителност сериозно да размислам за поднесување кандидатура за прв човек на Гази Баба. Но заедно со нив. Заедно со секој еден граѓанин. Заедно со секој еден засегнат.
Никогаш не потпаднав под политички влијанија изминативе години без разлика за која партија станувало збор. Единствен пат по кој се водам е принципот. Затоа мислам дека е време за темелни промени конечно, еднаш засекогаш да поставиме цврста конструкција на здрави темели. Не само во Гази Баба. Ширум државата. Времето е пред нас, но не останува уште долго време за конечни одлуки.