Денеска, на игралиштето ,,Алумина” се одбележаа 60 години од постоењето на градинката ,,Пролет”. Насмеани дечиња, со шарени фустанчиња како пролетни цветчиња претставуваа симбол за долгогодишното постоење на градинката. Со песна и игра, беа пречекани гостите кои беа присутни на јубилејната манифестација, а на која достоинствено беше пречекан и градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Директорката на градинката ,,Пролет”, Александра Иванова, му врачи плакета за особен придонес, унапредување и грижа на сите деца, а плакети како благодарност што оваа градинка одлично функционира , беа поделени и на неколку поранешни директорки.
-Би сакал пред се да ве поздравам и да ви го честитам овој голем јубилеј. Би ми било задоволство да ве информирам дека ќе започнеме со изградба на нова градинка на ,,Пролет”, онаа на Милан Марковиќ. Се надевам дека во 2027 година, објектот ,,Бумбарче” ќе биде целосно нова современа градинка. Во исто време, би сакал да ве известам дека започнуваме со четири нови занимални во градинката во Влае, што значи дека објектот ќе го прошируваме – рече Јакимовски.
По роденденската манифестација, дечињата заедно со своите родители, баби и дедовци, се дружеа на таканаречениот пикник, и си разменуваа искуства и се потсетуваа на убавите моменти. На тревата имаше поставено и неколку штандови со храна, а гостите можеа да се послужат и да се дружат.