


Улицата 808 е една од најфреквентните сообраќајници во овој дел од општина Гази Баба, а по истата се движат и голем број на товарни возила бидејќи се работи за индустриска зона. Во првата фаза по подготвителните градежни работи, целосно се реконструираше водоводната мрежа и останата хидротехничка опрема, а со цел комплетна обнова на мрежата во овој дел на градот. Воедно се изврши реконструкција на атмосферската канализација, како и замена на нефункционалните сливници со што во иднина се превенираат поплави на овој потег.
На оваа фреквентна сообраќајница на потег од крстосницата со улица 16та Македонска Бригада до крстосницата со булеварот Киро Глигоров, покрај новата водоводна и канализациона мрежа, реконструкцијата опфати обнова на коловозот на површина од 9.200 квадратни метри, а дополнително се изведоа и соодветно пешачка и велосипедска патека од двете страни. Градежните работи на улица 808 ги изведе јавното претпријатие Улици и патишта Скопје.