Ова е двојно поскапување – едно преку цената, а другото со намалената грамажа. Трговците и производителите не треба да се грижат само за профитот и постојано да наоѓаат оправдувањата за растот на цените, посочуваат од ОПМ. До домашните производители не допираат критиките дека има се повеќе воздух во пакувањата, а цените остануваат исти, па дури и се повисоки. Изминатите години грамажите добиваат се почудни бројки – лебот кој би требало да е 1 килограм, тежи 450, 355 грама, осмина бурек стана шеснаестина, малите јогуртчиња се „стиснаа“ на 180 и 175 грама, веќе одамна нема чоколада од 100 грама, таа се смали на 90, па дури и 80 грама, шпагетите и макароните веќе не се стандардо 500, туку 350 или 400 грама, паштетите „ослабеа“ за дваесеттина грама, конзервите со риби се стиснаа во 170 и 180 грама, зејтинот е под 900 милилитри, па дури ќе го најдете во пакување од 825 грама, шеќерот, солта и брашното веќе одамна се стабилизираа на 900 грама, омекнувачот од 1 литар веќе одамна не вирее на рафтовите и се претвори во 920 грама… Од Организацијата на потрошувачите, одамна реагираат дека добиваат се повеќе критики за намалувањето на грамажата и тоа на пакуваните производи. Европскиот парламент, лани ја потврди забраната за пакување чија единствена цел е да го доведе потрошувачот во заблуда за количината на самиот производ, како што се непотребни слоеви на пакување или лажно дно.
-Тоа е двојно поскапување. Едно е преку цената, а другото е со намалената грамажа. Тоа е огромен проблем, кој не е локален. Трговците и производителите не треба да се грижат само за профитот и постојано да наоѓаат оправдувањата за растот на цените – посочува за „Слободен печат“, претседателката на ОПМ, Маријана Лончар Велкова. Според ОПМ, последниве години е забележлива практиката на пакување на бројни производи во помали количини, но нема збор дека тие се поевтини.-Станува збор за таканаречената „шринкманија“ (собирање, или намалување на пакувањата, но со нив за иста сума пари добиваме помала грамажа) – објаснуваат од ОПМ. Производителите во светот се правдаат дека намалувањето на амбалажата се случува затоа што овој тренд го диктира пазарот, односно клиентите кои купуваат почесто и помалку! Тие тврдат дека освен тоа, потрошувачите најмногу обрнуваат внимание на рокот на траење и цената на производот. Намалувањето на килограмите започна со чоколадите, а сега, се чини, стана правило за речиси сите производи. Тоа ги збунува клиентите бидејќи изгледот и пакувањето на производот чија тежина е намалена, остануваат исти. Прво се виде на чоколадите, па на слатките… „Не само што е намалена количината и тежината, туку, би рекол, е намален и квалитетот. Тие користат сè за да добијат профит, а клиентите секогаш се оштетени на секој начин“, велат граѓаните за ХРТ.
Во меѓувреме, производителите се повеќе инвестираат во пакувањата. Тие бараат нови и подобри решенија кои визуелно ќе го привлечат купувачот. „Овде нема пропишани стандарди, но поентата е дека потрошувачите се навикнати на одредени тежини, сега им се предлага истите да ги купуваат со помала тежина“, вели Сања Керетиќ, од Здружението „Вараждин потрошувачи“. Со трикот за собирање, од производителите се бара само јасно и прецизно да ја наведат масата. Тие не се обврзани да ги предупредуваат клиентите за промените во тежината.„Можеме да заклучиме дека во еден момент беше корисно, но сега е претерано и дека треба да застанеме тука, односно да не ја намалуваме повеќе грамажата“, тврди Драган Муњижа, трговски консултант. Намалената количина на одредени производи производителите ја оправдуваат со тоа што е намален бројот на членовите во семејството, па, велат, бараат помали пакувања. Во исто време, пакетите ХХЛ исчезнуваат најбрзо во продавниците, што сепак сугерира дека луѓето сакаат да заштедат пари и да добијат повеќе за тоа, а не обратно, како што уверуваат производителите. Француската влада донесе одлука според која трговците мора да ги информираат купувачите за намалувањето на пакувањето на производите кое не е придружено со соодветно намалување на цената. Македонските производители, сепак, не се премногу ентузијасти за оваа идеја. Тоа, велат, дека ова само би им создало дополнителни трошоци.
Хрватската европратеничка Билјана Борзан пред крајот на минатата година, откри дека дури 73 отсто од граѓаните на ЕУ биле заведени од големото пакување на производот! „Имено, иако количината е напишана на производот, потрошувачите често „прецизно“ ја проценуваат количината на содржината, а кога ќе стигнат дома, тие се непријатно изненадени. Добивам многу прашања од граѓаните за производи како чипс, снегулки, па дури и производи кои доаѓаат во шишиња“, посочи Борзан. „Просечниот жител на ЕУ фрла околу 188,7 килограми отпад од пакување, а во Хрватска се фрлаат околу 75 килограми, од кои само мал дел се рециклира. Со оваа одредба ќе обезбедиме граѓаните да добијат најмногу за своите пари, но и заштита на животната средина“, вели Борзан.