Град Скопје минатата есен ја заврши изградбата на оваа улица и оттогаш граѓаните предупредуваат дека во сериозна опасност се особено децата, кои секојдневно ја минуваат оваа крстосница движејќи се кон училиштето „Љубен Лапе“ и бараат Градот итно да преземе нешто додека не се случила некаква несреќа. За еден месец почнува новата учебна година, а крстосницата на улицата Васко Карангелески останува небезбедна за децата што учат во училиштето „Љубен Лапе“ и која секојдневно треба да ја поминуваат. За една година се поставени само лежечки полицајци и ништо повеќе, реагираат загрижени родители од Аеродром.
Непрегледно е, пребрзо се вози, но нашите реакции и до Град Скопје и до Општина Аеродром, останаа залудни. Една година бараме на крстосницата да се стават семафори. Што треба да се случи за да реагираат, да настрада некој? Се ближи септември и јас уште сега стравувам како ќе одат секојдневно моите две деца на училиште – вели мајка на ученици во „Љубен Лапе“.
Град Скопје минатата есен ја заврши изградбата на оваа улица, која овозможува сообраќајно поврзување на три главни булевари во општината – АСНОМ, Јане Сандански и Трета македонска бригада. На улицата има по две коловозни ленти во двете насоки во должина од 1100 метри, велосипедски и пешачки патеки, а изведена е и нова атмосферска канализација. Од Градот се пофалија дека со ваквото сообраќајно решение се зголемува безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Веднаш потоа почнаа и реакциите на граѓаните што живеат во овој дел од градот и кои секојдневно минуваат по улицата. Според нив, сообраќајницата е проектирана за брз проток на возила, што значи дека по неа се вози со голема брзина. Поради тоа предупредуваа дека во сериозна опасност се особено децата што секојдневно ја минуваат оваа крстосница движејќи се кон училиштето „Љубен Лапе“ и бараа Градот итно да преземе нешто додека не се случи некаква несреќа и оваа улица да стане една од „црните точки“ во Скопје. Од Општина Аеродром потсетуваат дека улицата Васко Карангелески е во надлежност на Град Скопје од каде што се одговорни за безбедноста во сообраќајот на возачите и на пешаците, како и за поставување на целата потребна сигнализација.
ООУ „Љубен Лапе“ со цел поголема безбедност на учениците има пратено барање до Градот, од каде што училиштето добило одговор од Секторот за сообраќај дека заедно со СВР Скопје работат на подобрено решение, но сè уште не се преземени конкретни активности. Поради тоа, ние како Општина под чија надлежност е ова основно училиште, пред две недели пративме уште еден официјален допис до Град Скопје за поставување соодветна сигнализација за безбедно движење на учениците пред почетокот на учебната година, од каде што се надеваме на позитивен одговор – велат од Општината.
Од Град Скопје, пак, тврдат дека веќе се преземени мерки за поголема сообраќајна безбедност, но дека се планира и поставување семафори.
На улицата Васко Карангелески во изминатиот период се имплементирани неколку мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот, како зона на школо, вибро ленти и други мерки што значително придонесуваат за намалување на брзината на возилата. Исто така сакаме да ве известиме дека изготвен е проект за воведување нови семафори на крстосницата помеѓу улицата Васко Карангелевски и улицата Ангел Димовски, кој во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е доставен до СВР Скопје и сѐ уште се чека добивање на потребната согласност за негова имплементација. Досега Град Скопје до Секторот за внатрешни работи имаше доставено ОСП за светлосни сигнали (семафори) за истата локација, но истото 3 пати е одбиено и од таа причина не можеше да се спроведе на терен – објаснуваат од Град Скопје.
На потег е МВР од каде што се очекува да го прифатат барањето на Град Скопје, а со тоа и барањето на загрижените граѓани, пред сѐ за поголема безбедност на учениците, но и на сите други учесници во сообраќајот.