Случајот „Еуростандард“ откри низа законски пропусти што се решаваат во од. Во подготовка е и нов закон за решавање банки. Засега, сѐ уште постои неизвесност за дел од парите на фирмите, но и за оние граѓани на кои им била понудена поголема камата од регуларната
Три години по укинувањето на дозволата за работа на Еуростандард банка, сите штедачи – физички лица што немале повластена камата се целосно обесштетени, додека преостанатите граѓани и фирмите се обесштетени околу четириесетина проценти. Во меѓувреме, минатата недела на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) е поставен Нацрт-законот за решавање банки, кој треба да обезбеди подобра регулаторна и супервизорска рамка за зголемување на отпорноста на банките, а Народната банка е утврдена како надлежен орган за решавање банки.
Штедачите од Еуростандард банката велат дека нивниот случај открил низа пропусти во регулативата, кои мора да се земат предвид. Тие објаснуваат дека повластена камата е онаа што банката не ја објавува, но која на големи клиенти е понудена од страна на банкарите за да бидат привлечени.
– На поголеми штедачи физички лица, банкарите им нудеа поголема камата за да ги вложат своите заштеди во Еуростандард. Но, притоа не им кажаа дека со тоа нивните депозити не се осигурени. Како што е познато, сите влогови на граѓаните до 30.000 евра се осигурени во Фондот за осигурување на депозити и Фондот многу брзо им ја исплати гарантираната сума. Но, Фондот немаше обврска тоа да го направи за оние со повластени камати. Исто така, граѓаните што имаа депозити со повластени камати немаа предност за исплата од стечајната маса. Инаку, физичките лица ја имаат таа предност над правните. Затоа, физичките лица што добија повластени камати се обесштетуваат заедно со фирмите – објаснуваат штедачи за „Слободен печат“.
Тие велат дека на овој начин се изманипулирани, а регулативата тоа го дозволила.
– Ако некој ви понуди поголема камата со зборовите дека тоа ви следува како на голем клиент, нормално е да ја прифатите понудата. Но, законодавецот оставил ваквите депозити да висат во воздух. Дури банките со поголеми камати можеле и да заработат повеќе пари. Еве како… На пример, банката ни дала половина процент повеќе камата од онаа што е регуларна, но затоа избегнала да плати 0,7 проценти осигурување на нашиот депозит – објаснува нашиот соговорник.
Сите штедачи што биле со повластени камати, а според нашите сознанија во Еуростандард ги имало во поголем број, се обесштетуваат од стечајната маса, заедно со фирмите. Така и тие како и фирмите досега се обесштетени со околу 40-ина проценти, но „клучниот имот“ на Еуростандард, зградата во центарот на Скопје, сѐ уште не е продадена. Исто така, има и постапки во кои се следи трагата на парите, и кои доколку се завршат, исто така може да донесат сериозна сума.
Компаниите во повеќе наврати остро реагираа зошто ниту денар од нивните влогови не е осигурен.
– Нема ниту една земја во регионот, а ретка практика е и во светот, за депозитите на компаниите банките да не плаќаат премија за осигурување. Затоа, компаниите немаат ниту минимална сума за обесштетување преку Фондот за обесштетување на депозитите доколку некоја банка пропадне. Така, депонентите од компаниите се ставени во многу неповолна положба и тоа не е случај само за Еуростандард банка, туку тоа е проблем за поставеноста на целиот банкарски систем – ни изјави штедач од Еуростандард.
На почетокот од случувањата со Еуростандард банка, штедачите пред Уставен суд успеаја да го оспорат членот 163 од Законот за Народна банка, со што Фондот за обесштетување депозити ја изгуби предноста над другите при наплата од стечајната маса. Имено, тој од осигурителните премии им исплаќа обесштетување на депонентите од пропаднатите банки, а потоа парите си ги наплатува од стечајната маса. Оштетените штедачи преку свое здружение доставија и други предлози со кои сметаат дека ќе се подобри регулативата, но одговор од надлежните не добија. За Предлог-законот за решавање банки воопшто не биле консултирани.