Наместо да застане во одбрана на транспарентноста и јавниот интерес, Државната комисија за спречување на корупцијата предлага измени кои го ограничуваат пристапот до информации, ја ослабуваат контролата врз јавните набавки и отвораат врати за нови злоупотреби, алармира Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата остро реагира на препораките изнесени од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во рамки на антикорупциската проверка на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Според Платформата, наместо да придонесе за зајакнување на отчетноста и транспарентноста, ДКСК со своите препораки испраќа загрижувачки сигнали за затворање на институциите и ограничување на правото на јавноста да знае. Овие насоки, велат од Платформата, не само што ја поткопуваат улогата на Комисијата како клучна институција во борбата против корупцијата, туку отвораат и простор за нови злоупотреби, особено во сферата на јавните набавки.
Препораката на ДКСК да се преиспита обврската за објавување на целокупната документација за јавните набавки, според Платформата, директно води кон намалување на транспарентноста. „Оваа одредба досега им овозможуваше на медиумите и граѓанските организации пристап до клучни документи, со што беа откриени и спречени бројни злоупотреби. Веќе постојат механизми за заштита на доверливи информации“, велат од Платформата и додаваат оти укинувањето на управната контрола од страна на Бирото за јавни набавки во 2020 веќе го ослабна системот на надзор. Дополнително, Платформата предупредува на сериозни импликации од препораката на ДКСК за пропишување процедура за разрешување на директорот на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер. „Оваа насока се смета за политички мотивирана, особено по неодамнешниот обид за законски измени што ќе овозможат предвремено разрешување од политички причини“, велат оттаму. Платформата потсетува дека ваквите регулаторни тела имаат подолги мандати токму заради обезбедување независност.
Граѓанските организации ја изразуваат и својата загриженост за препораките на ДКСК кои, според нив, го поткопуваат концептот на „активна транспарентност“ предвиден во законот. „Какви критериуми препорачува ДКСК е нејасно, а уште повеќе загрижува што зборуваат за формат не земајќи го предвид најавениот почеток на процесот за подготовка на Законот за отворени податоци и повторна употреба на податоците од јавниот сектор“, се вели во соопштението. Укажано е и на задоцнетата реакција на ДКСК во однос на прекршочната одговорност бидејќи процесот на измена на законот е веќе започнат во ноември 2024 и моментално е во фаза на јавни консултации преку ЕНЕР. Платформата за борба против корупција посочува оти ДКСК не понуди конкретни решенија за утврдената „несразмерност“ кај прекршочните одредби, иако токму овие прашања се клучни за граѓанското општество, кое со години бара јасни санкции за службени лица кои го попречуваат пристапот до информации.
Граѓанските организации оценуваат дека предложените решенија претставуваат сериозен чекор назад во борбата против корупцијата и се во спротивност со европските стандарди за транспарентно и инклузивно креирање јавни политики. Дополнително, ДКСК ја спровела антикорупциската проверка без вклучување на граѓанското општество, што ја доведува во прашање објективноста на процесот. Оттаму апелитаат до институциите и ги повикуваат Министерството за правда и Собранието да не подлегнуваат на насоки кои ја ограничуваат транспарентноста и да ги земат предвид веќе постојните законски механизми кои обезбедуваат пристап до информации од јавен интерес како суштински елемент во превенцијата на корупцијата. Извор: Новинска агенција МЕТА