Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Народна Република Кина се сретна со Чен Џоу, заменик-министер на Меѓународниот оддел на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина. Претседателката на Групата, Олга Лозановска, во воведното обраќање истакна дека иако сме географски оддалечени, односите меѓу двете држави се пријателски и се развиваат во духот на меѓусебното разбирање и заемно почитување. Нашата земја го афирмира ставот за постоење на „Една Кина”, Владата на НР Кина е единствената легитимна влада на кинескиот народ, а Тајван е недделив дел од кинеската територија – рече Лозановска.
Традиционалното формирање на оваа Група за соработка, е само показател на интересот за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски, кои ќе влијаат врз унапредување на севкупните политички, економски и културни односи меѓу двете држави. Од своја страна, Чен Џоу, ја сподели импресионираноста од првата посета на земјава. Кина го почитува развојниот пат на нашата земја и ги разбира и поддржува нашите напори за интегрирање во ЕУ. Заложбите на земјите за „Една Кина” се темелни во градењето на сите односи со Кина – потенцираше Џоу. Соработката со законодавниот дом и партиите играат важна улога во градењето на билатералните односи и во таа насока радува фактот што во Групата за соработка членуваат пратеници од различни партии, но со ист став за зајакнето пријателство со Кина. Во овој контекст се напорите за идно проширување на пријателските размени на Комунистичката партија на Кина со политичките партии во земјава, почитувајќи ги меѓусебните разлики. Преку тие партиски канали и размена на искуства на сите нивоа, ќе се придонесе кон зајакнување на севкупните билатерални односи.
Членовите на Пратеничката група, Садик Сулејмани и Димитар Апасиев, исто така, имаа можност да изразат чест од одржувањето на средбата. Сулејмани ги нагласи бизнис односите и можноста за нивно олеснување, додека Апасиев имаше пофални зборови за моделот на социјализмот со кинески карактеристики. Присутните беа согласни за продлабочување на меѓусебната соработка на повеќе полиња, како економија, трговија, енергетика, бизнис, инфраструктура…, но и засилени односи во образованието, размената на млади, туризмот. Двете земји покажуваат интерес за културата, а тоа се покажува и преку постоењето и популарноста на катедрите за македонски јазик на неколку кинески универзитети. Од двете страни беше изразена благодарност и до Амбасадата на Кина за континуираните заложби за унапредување на односите меѓу двете држави и традиционалното пријателство.