Водечките грчки синдикати од приватниот и јавниот сектор денеска повикаа на еднодневен генерален штрајк, барајќи повисоки плати поради зголемените трошоци за живот, а општиот прекин на работата веќе од утрото почна да го парализира животот во Грција. Штрајкот го свикаа два чадор синдикати кои ги претставуваат вработените во приватниот и јавниот сектор – Генералната конфедерација на грчките работници (ГСЕЕ) и синдикатот на вработените во јавните служби АДЕДИ. Главна причина се вртоглавите зголемени трошоци за живот, а истовремено и стравот дека новите царини што ги воведоа САД уште повеќе ќе ја отежнат положбата на вработените. „Зголемените трошоци за живот ги намалуваат платите на работниците, а владата не покажува знаци на грижа“, велат од синдикатот ГСЕЕ. Според тој синдикат, голем дел од населението троши повеќе од 40 отсто од приходите за кирија и греење, пренесе агенцијата АП.
Повикот за еднодневен прекин на работата се однесува на речиси сите активности, вклучително и јавниот превоз, воздушниот и поморскиот сообраќај, образованието и градската администрација, пишува грчкиот весник „Катимерини“. Кон штрајкот се приклучија и контролорите на летање, кои иако беше предложено тие да бидат забранети, судот во вторникот попладне пресуди дека и тие имаат право на штрајк. Од утрото на 9 април, траектите останаа врзани во пристаништата, но и бродовите, бидејќи во прекинот на работата учествува и Панхеленската морнарска федерација (ПНО). Островите се отсечени од копното, а странските туристи се блокирани на аеродромите или воопшто не можат да стигнат до своите дестинации во Грција. Метрото и надземната градска железница во Атина ќе сообраќаат ограничено во текот на денот, а според изменет распоред ќе останат затворени главно линиите кон меѓународниот аеродром во Атина, а некои станици. Очекувано слично ќе функционира градскиот јавен превоз низ цела Грција. Целосно ќе биде во прекин Работниот Железнички сообраќај во земјава, вклучително и приградските линии. Низ земјата се одржуваат демонстрации, а синдикатите повикаа на централни протести во Атина.