Поради магла, вечерва е намалена видливоста до 30 метри на патот Тетово-Попова Шапка, од селото Лисец до зимскиот туристички центар, соопшти „Македонијапат“. Од претпријатието велат дека сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. На одредени патни правци кои поминуваат низ клисури и усеци, можна е појава на поситни одрони.
Апелираат на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот. Дежурните екипи на „Македонијапат“ се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни, велат од јавното претпријатие.