Со својата строга трговска политика, Доналд Трамп ги исплаши инвеститорите. Ова отвора нови можности за Европа и Германија. Дали ќе бидат искористени? Часовникот отчукува: 9 јули е крајниот рок за постигнување договор во царинскиот спор меѓу САД и ЕУ. Сè уште е неизвесно дали ќе има ескалација и воведување трајно високи американски царини. Подеднакво е неизвесно со какви мерки би одговорила ЕУ. Но, и покрај огромниот притисок што го врши американската влада под водство на Доналд Трамп во последните месеци, меѓународните инвеститори сега ја гледаат американската економија со многу поголем скептицизам, а во исто време покажуваат зголемен интерес за Европа, особено за најголемата економија на Европската Унија – Германија. Додека американскиот берзански индекс S&P 500 е во минус од почетокот на годината, германскиот DAX индекс порасна за повеќе од 15 проценти и бележи постојани рекорди. Откако Доналд Трамп ја презеде функцијата, американскиот долар изгуби десет проценти од својата вредност во однос на еврото. Слично е и во однос на британската фунта и швајцарскиот франк.
ММФ и Бундесбанк ги критикуваат САД
Се чини дека САД се заслабнати: Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупредува дека американските долгови би можеле да излезат од контрола. Претседателот на германската Бундесбанк, Јоаким Нагел, на финансискиот самит на Г7 во Канада предупреди од нови турбуленции на финансиските пазари доколку не се реши трговскиот спор со САД. Кон крајот на мај во Банф, Канада, каде што се одржа самитот на Г7, Нагел ја опиша токсичната комбинација од паѓање на берзанските индекси, слабеење на доларот и истовремено зголемување на приносите од обврзниците по воведувањето на високи дополнителни царини за речиси сите американски трговски партнери. „Имав чувство дека во некои моменти бевме многу блиску до ситуација како нуклеарна катастрофа на финансиските пазари“, рече првиот човек на Германската централна банка. Заменик-извршната директорка на ММФ, Гита Гопинат, кратко пред тоа во интервју за „Фајненшл тајмс” предупреди дека буџетските дефицити на САД се преголеми и дека САД мора да почнат да го решаваат својот „постојано растечки“ долг. Според Министерството за финансии на САД, САД имаат огромен долг од над 36 билиони долари. Минатата година тоа беше повеќе од 120 проценти од брутодомашниот производ (БДП) – речиси двојно повеќе од нивото на задолженост во Германија. И секоја година доаѓа нов долг: за 2025 година, буџетскиот дефицит на САД се проценува на повеќе од 6,5 проценти од БДП.
Погледот кон САД е сè покритичен
И за економистот Ханс-Вернер Зин, просторот за маневрирање на американскиот модел на задолжување сѐ повеќе се стеснува. „Американците мора да го стегнат ременот. Нивниот животен стандард, овој свет полн со трговски центри и малку фабрики – ова не може да се одржи на долг рок“, изјави поранешниот претседател на Институтот Ифо во Минхен за Дојче Веле. И Ралф Оса може да го разбере тоа што САД бараат начини да го намалат трговскиот дефицит со ЕУ. Но, овој главен економист на Светската трговска организација (СТО), како и повеќето негови колеги, верува: „Речиси сите економисти се согласуваат дека царините не се соодветна алатка за решавање на трговскиот дефицит“. Оса, во разговор со ДВ, го спореди однесувањето на САД со некој што троши повеќе отколку што заработува и затоа се задолжува. „Ако јас, како Ралф, имам проблем со долговите – на пример затоа што купувам премногу автомобили – тогаш секако една можност е да ги оданочам, така што би купил помалку автомобили. Но, секако тоа не е најдиректниот начин да се реши проблемот“, го објаснува Оса американскиот пристап.
Ставот кон Европа и Германија е „целосно променет“
Шефот на Германската банка за развој КфВ (KfW), Штефан Винтелс, во неодамнешно интервју за „Ханделсблат” потврди дека агресивната трговска и царинска политика на Доналд Трамп ги одбива инвеститорите и го насочува нивното внимание кон Европа,. „На моите презентации во Њујорк, Лондон и Цирих, забележувам дека интересот на меѓународните инвеститори за Германија расте. Многу институционални инвеститори вложуваа премногу во САД и би сакале да инвестираат повеќе во Европа, особено во Германија“, рече Винтелс. За само неколку месеци, расположението кон Европа и Германија кај меѓународните инвеститори целосно се промени. „Во мојата повеќе од 30-годишна кариера, никогаш не сум доживеал толку брза промена на расположението. Треба да направиме сè за да го искористиме овој позитивен моментум за Германија и Европа“, рече шефот на КфВ. Американските инвеститори го следат повикот на Европа
Европа привлекува и меѓународни финансиски гиганти како што е најголемиот светски менаџер на средства, Блекстоун. Директорот на Блекстоун, Стив Шварцман, објави дека ќе инвестира до 500 милијарди долари (437 милијарди евра) во Европа во следните десет години. Во време на геополитички превирања, Европа станува сè попривлечна за инвеститорите – дури и благодарение на инвестициските пакети вредни милијарди за изградба на инфраструктура и одбрана во Германија.
„Ова го гледаме како голема можност за нас“, изјави Стив Шварцман за Блумберг ТВ на почетокот на јуни. „Во Германија почнуваат да го менуваат својот пристап, што, според нас, би можело да доведе до повисоки стапки на раст“. Во Брисел се свесни дека заедничкиот европски пазар со речиси 450 милиони потрошувачи мора да стане поефикасен. Европската комисија планира, како одговор на глобалната трговска војна, да ги потисне „десетте најголеми пречки“ во внатрешната трговија. Во интерен стратешки документ на ЕУ означен како „чувствителен“ и објавен од платформата Table Briefings, наведена е следната пресметка: За да се компензира падот на извозот во САД од 20 проценти, доволно би било зголемување на трговијата во рамките на ЕУ од само 2,4 проценти. Ова треба да се овозможи, меѓу другото, со намалување на бирократијата – што особено би им користело на малите и средни претпријатија, кои потоа би можеле полесно да соработуваат со други земји во рамките на ЕУ.
Германија – магнет за инвестиции
Исто така, во Брисел постои договор дека склучувањето трговски договори со партнери како Индија или Индонезија мора да се забрза – и дека преговорите, како оние со Меркосур, повеќе не смеат да траат две децении. Но, дури и без тоа, Европа веќе профитира од новиот фокус на инвеститорите на „стариот континент“. На конференцијата за инвеститори „SuperReturn International”, на почетокот на јуни во Берлин, се собраа илјадници големи инвеститори, вклучувајќи пензиски фондови, осигурителни компании и државни фондови од целиот свет – со вкупни средства со кои управуваат во износ од околу 46 билиони евра. Според Блумберг, инвестициски менаџери како што се BC Partners, Permira и Brookfield Asset Management се залагаа за Европа како инвестициска дестинација поради растечките глобални економски ризици. Финансискиот гигант од Њујорк, Apollo Global Management, кој веќе има инвестирано околу 100 милијарди долари во Европа – од вкупно 800 милијарди што ги управува – сака особено да го зајакне своето присуство во Германија во следните десет години. „Само во оваа земја, гледаме можност за инвестирање на 100 милијарди долари во следните десет години“, изјави претседателот на „Аполо“, Џим Зелтер, за „Фајненшл тајмс“, додавајќи дека тоа е „бројка што е тешко да се надмине каде било во светот“.
Извор: Дојче веле/ Автор: Томас Колман