Преговорите помеѓу ЕУ-САД за царините се продолжени до 9 јули, но без гаранција за решение. Трамп не отстапува од заканите, додека ЕУ се подготвува за економски удари и контрамерки доколку дијалогот пропадне. Од 1 јуни требаше да се воведат нови царински давачки од 50% на извесни европски производи во САД, но американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ја одложи оваа мерка до 9 јули. Оваа одлука дојде по телефонскиот разговор помеѓу Трамп и претседателката на Европската комисија, Урcула фон дер Лајен, која побарала продолжување на рокот за да се овозможат понатамошни преговори. Фон дер Лајен нагласи дека ЕУ е подготвена да работи брзо и одлучно за постигнување на договор, но истакна дека е потребно време до 9 јули за да се постигне добра согласност. Трамп, од своја страна, изјави дека Фон дер Лајен го контактирала со барање за продолжување, велејќи дека ЕУ сега е подготвена за сериозни преговори. Иако се согласил на одложувањето, американскиот претседател останува непредвидлив, уште во петокот претходната недела, тој ненадејно објави дека ќе ги зголеми царините на европските производи петкратно, од 10% на 50%, што би имало сериозни економски последици за ЕУ.
Економските последици за Европа би биле значителни
Според проценките на австрискиот економски институт ВИФО, високите царини би го намалиле австрискиот БДП за 0,68%, а извозот кон САД би паднал за речиси 29%. Ова би било дел од поширокиот економски удар врз ЕУ, каде просечниот пад на БДП се проценува на 0,66%. ВИФО предупредува дека доколку не се постигне договор, земјите ќе мора да подготват мерки за поддршка на погодените компании и да работат на диверзификација на извозните пазари. Австрискиот министер за економиja Волфганг Хатмансдорфер (ОВП) и Индустрискиот сојуз (ИB) повикаа на европска единственост како „најдобар одговор“ на американските притисоци. Германскиот министер за финансии Ларс Клингајл изрази „претпазлив оптимизам“, дека може да се постигне договор, но предупреди дека доколку преговорите пропаднат, пазарите ќе бидат погодени од голема нестабилност.
ЕУ е подготвена на контрамерки, но се надева на дијалог
Европската комисија веќе ставила на маса предлог за взаемно укинување на царинските давачки за индустриските производи, но од Вашингтон сè уште нема официјален позитивен одговор. Во потрага по компромис, Брисел ги разгледува и другите опции – од зголемен увоз на американски течен природен гас (ЛНГ) до проширување на трговската размена во областите на воената техника и земјоделските технологии. Сепак, ЕУ ја смета Трамповата царинска политика за неоправдана и спротивна на правилата на Светската трговска организација (СТО). Бернд Ланге, претседател на трговскиот комитет во Европскиот парламент (СПД), истакна дека ЕУ ќе преземе одлучни контрамерки доколку САД ги спроведат заканите, вклучувајќи и реторзивни царини.
Вес Андерсон: Апсурдна идеја, нема да нè спречи
Додека економските последици се сериозни, некои јавни личности, како филмскиот режисер Вес Андерсон („Кралското семејство Тененбаум“, „Француски вести“), ја смета Трамповата закана за царини на филмови снимени во странство за апсурдна. „Никој нема поим што ќе се случи со оваа идеја. Најдобро е да не паничиме и да продолжиме да работиме“, изјави Андерсон во интервју за германските медиуми. Иако ситуацијата останува несигурна, ЕУ се надева дека до 9 јули ќе се постигне договор што ќе ги избегне најлошите сценарија. Доколку Трамп ги спроведе заканите, европската економија ќе биде тешко погодена, но ЕУ веќе се подготвува на одговорни мерки.