Преки фејсбук се огласи Росица Ќулавкова, сестрата на Фросина, која загина во страшна сообраќајна несреќа, и откако вчера почна судењето на Васо Јованов. Постот го пренесуваме во целост. Ме откачи дечкото што ни ги пишува говорите, па ќе мора сама да се снајдам сега
Вчера адвокатот на обвинетиот, наместо достоинствено да го прокоментира судењето, реши да ни држи лекции по ораторство. Не било автентично што читаме говори – некој ни ги пишувал. Не може таков бездушен човек (во отсуство на посоодветен збор кажувам човек) да сфати дека со последни сили го читаме дури и тоа што претходно сме го напишале. Треба ли да паѓаме во несвест и болката да ја сервираме на тацна, без запирки туку со солзи, за да сме поверодостојни. Извинете што се обидуваме да не се распаднеме.
Истиот тој бездушен човек во судницата ја поистоветува болката на нашето семејство со болката на семејството на убиецот на сестра ми. Поистоветува затворска ќелија со гроб. Па еве, ајде да разјасниме: во затвор луѓето се живи, и тие несовесни родители сеуште можат да си го прегрнат детето, што патем, по своја заслуга се нашло таму. Кого да го прегрнат моите родители освен ладната слика на сестра ми? Кој нормален овие две нешта би ги ставил на вага?!
И како шлаг на оваа негова срамна реторика следеше барање до судот да се води по пресудите од минатото. Оние срамните, понижувачките. Оние што ние, народот, најстрого ги осудуваме! Демек правдата е некаков шаблон за копирање, а не жив систем што мора конечно да профункционира. Ама, очигледно е дека во недостиг на вистински аргумент за одбрана се повикува на туѓи неправди. Фалеше само уште да добиеме и едно упатство “Како да убиете, а да останете неказнети”