На Минхенската безбедносна конференција регионот Западен Балкан пак доби ветување за брз пристап во ЕУ. Но, ние веќе 22 години гледаме што значи тоа – додека едни влегуваа во Унијата прекутрупа, поради нејзините политички приоритети, Македонија постојано е изложена на притисоци, уцени и на политика на вето. Е па, чинам дека дојде време да ја прашаме ЕУ каде сме ние во нејзините сегашни приротети – нè есапи таа или да си го бараме чарето.
Читам извештаи за одлични, храбри и одмерени, државнички настапи на македонскиот премиер Христијан Мицкоски на Минхенската безбедносна конференција. Имам впечаток дека тој го искористи вистинскиот момент на Западот јасно, но и погласно од кога било досега, да му каже дека Македонија се чувствува измамена и уценета во процесот на пристапување кон Европската Унија. И тоа е факт за кој македонските политичари, веројатно во страв да не ги налутат европските лидери, предолго молчат.
Повеќе македонски влади направија сериозни реформи за прилагодување на нашата земја кон барањата на НАТО и на ЕУ. Под силен притисок го сменивме службеното име и направивме многу други отстапки кои се бараа од нас, наводно за да го деблокираме евроинтеграцискиот процес. Денес сме сведоци дека освен членството во Алијансата – кое за нас, во моментов, носи многу повеќе сериозни обврски отколку придобивки – резултатот на политиките на постојани отстапки од македонска страна се новите блокади, новите уцени и новите понижувања. И сето тоа без никакви гаранции дека Македонија нема пак, по кој знае кој пат, да биде жртва на политиката на вето.
Наместо европеизација на регионот Западен Балкан, она што сега го гледаме е доминација на билатералните спорови, коишто на земјите аспиранти им ги наметнуваат најмладите и најдрски членки на ЕУ. Тоа е таа балканизација на Европа за која Мицкоски отворено проговори во Минхен. Зошто е токму сега вистинскиот момент Македонија да каже сè што и лежи на душата, но и сериозно да размисли за промени на сопствената стратегија за пристапување кон Европската Унија?
Затоа што последните настани, вклучувајќи ја и Минхенската безбедносна конференција, покажаа дека ЕУ е во сериозен, концептуален и политички конфликт со својот најмоќен партнер, САД. Но, уште пострашно, ЕУ е во уште посериозен конфликт со самата себе, бидејќи клучните елементи, проценки и цели на нејзината надворешна и безбедносна политика се потврдија како погрешни и неуспешни. Од почетокот на војната во Украина, буквално до вчера, челниците на НАТО и на ЕУ, под силно влијание на Бајденовата администрација, форсираа брутално воено решение на кризата, поддржувајќи го неостварливиот и налудничав “план за победа” на Зеленски и ирационалните амбиции на милитантните јастреби во Вашингтон и во Брисел во војната да заврши со соборување на Путин.
Сега, кога Трамп и Путин веќе го отворија преговарачкиот процес, Европа панично бара место на преговарачката маса. Зошто? За да го закочи и да го искомпромитира процесот? Што друго може да понудат НАТО и ЕУ, освен повеќе пари и повеќе оружје за Зеленски, нови борби и нови страдања во таа војна?
Некој ќе рече, сето тоа не ја засега Македонија. Но, не е така. Евентуалното продолживање на војната во Украина ќе ја продлабочи внатрешната криза во НАТО и во ЕУ, а таа не е само безбедносна, туку и економска. Дополнително, кризата ги зголемува конфликтите меѓу земјите членки на НАТО и на ЕУ, што, пак, ги потенцира огромните слабости во креирањето на заедничките европски политики, поради неодржливоста на сегашната архитектура и на Алијансата и на Унијата.
Македонија е директна жртва на начинот на кој земјите членки на ЕУ ја креираат политиката на проширување. Од една страна, Брисел декларативно ги поддржува амбициите на земјите аспиранти да станат полноправни членки на ЕУ, но од друга страна дозволуваат билатералните спорови и уцени, што ги наметнуваат некои членки, да прераснат во фирмални услови на преговарачките процеси.
И лицемерното одложувањето на првите пари ветени со Планот на раст на Западен Балкан, наводно поради бирократските процедури кои исто така потекнуваат од неодржлива архитектура на ЕУ, покажува дека Унијата не е способна да ги исполни сопствените ветувања и да го подигне еврооптимизмот во земјите аспиранти.
Можеби ќе прозвучи еретички, но сепак ќе кажам дека сега е вистинско време стратегијата на Македонија за приближување и пристапување во ЕУ многу повеќе да се фокусира на прашањето дали Унијата навистина ја смета нашата земја за стратешки важен партнер. Во втор план треба да бидат дневните реакции на условувањата и на уцените од нашите соседи, нашите одговори на постојаното орочување на почетокот на преговорите со некаков “напредок” во исполнувањето на нечии ирационални желби придружени со закани од вето, а и постојаните редизајнирања на системот за да се исполнеле барањата од сè уште неотворените кластери и поглавја, за кога ќе почнеле преговорите да сме се движеле побрзо по “патот кон ЕУ”.
Од премиерот Мицкоски, кој мора да внимава неговиот вокабулар, за да не биде погрешно разбран и протолкуван и кој мора да остане во границите на дипломатската љубезност и пристојност, не очекувам директно и грубо да го постави клучното прашање што Македонија мора конечно да им го постави на европските челници – дами и господо, ја сакате ли вие Македонија во ЕУ, или не ја сакате?
Тоа е прашањето на кое денес граѓаните на нашата земја заслужуваат јасен и недвосмислен одговор.
Минхенската безбедносна конференција пак декларативно се заложи за побрз пристап во ЕУ за земјите од Западен Балкан. Но, од самитот во Солун во 2003 година (каде што и лично присуствував како новинар), веќе 22 години јас ја слушам истата реторика, а ЕУ постојано на земјите аспиранти им поставува нови пречки и услови.
Се сеќавам, Европската унија се соочуваше со големи внатрешни проблеми и со големи амбиции да биде главен актер на меѓународната сцена (поважен дури и од САД) , кога во 2007 година итно и без многу керефеки ги прими во членство тогаш нереформираните посткомунистички земји Романија и Бугарија. Тогаш политичките приоритети за итно проширување на Унијата на Исток беа поважни од принципите, од реформите, од критериумите, од поглавјата, од кластерите…
Европа денес се соочува со многу поголеми проблеми од таа 2007 година. Земјите на ЕУ се во длабока економска криза, која не е само поради недостигот на евтини ресурси од Истокот, туку и поради огромното заостанување на полето на науката и технологијата зад САД, но и зад Кина и зад некои други земји. Како што веќе реков, клучните европски политики на надворешен и безбедносен план се потврдија како неодржливи и речиси целосно промашени. Одамна започнатите разговори за промена на внатрешната архитектура се блокирани. Старата дама денес е потромава, ама и посамобендисана, од кога било досега.
Ние во Македонија мора да се соочиме со овие факти и веќе да не се правиме при памет будали. Ако нашата земја не може да биде дел од решението за нужното реформирање на НАТО и на ЕУ – а мислам дека сепак сме премногу мали и нејаки да бидеме тоа – тогаш барем не треба да дозволиме да бидеме колатерална штета на внатрешните конфликти во Алијансата и во Унијата, а уште помалку на конфликтот на западна Европа со САД на Доналд Трамп.
На Европа и на светот во целина им престојот големи промени. Тие промени ќе се случуваат брзо. Со многу вештина и со малку повеќе добра волја, ќе настапи мир и во Украина и на Блискиот Исток, двете најризични точки на планетата. Во европските земји, пак, ќе дојде до големи политички промени, бидејќи самонаречените “прогресивни либерали” губат на сите фронтови. Македонија ќе треба внимателно да ги анализира промените, да остане на вистинскиот пат и да се фокусира на сопствените интереси, за кои има стратешка поддршка во светот на моќните. Има, но само ако ја бара – со ум, на вистинскиот начин и на вистинското место.
Бранко Геровски