Дарко Златев е меѓу повредените во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Кобната ноќ на 16 март животот го загубила неговата внука. Тој јавно изрази незадоволство и гнев од односот на државата кон преживеаните во пожарот. Никој од надлежните не покажал никаква грижа за повредените, ниту ги посетил, вели тој во објава на социјалните мрежи, нагласувајќи дека преживеаните се принудени да се снаоѓаат и за основни средства потребни за нивното закрепнување.
„Со голема болка и тешко срце ја споделувам трагедијата што не’ снајде. Во пожарот што избувна во дискотеката во Кочани, животот го загуби мојата внука од сестра, заедно со уште 61 млад човек. Вкупно 62 загинати, и 200 повредени. И покрај огромната загуба, немаме добиено никаква помош од државата. До ден-денес, ниеден претставник од владата не не посети, ниту во болниците, ниту во домовите. Нема поддршка, нема грижа, нема ни најосновни медицински средства. Сè што имаме се донации од хумани луѓе – државата не обезбеди ни обични креми за раните, а камоли сериозна медицинска помош, дури и опремата односно двете маси за вежбање во физикалната се донации, а без нив просториите беа потполно празни!“, пишува Златев во објавата.
„Имаше доволно време да се обезбедат услови во болницата. Ние, повредените, бевме испратени на лекување во странство уште од таа кобна ноќ. Јас лично бев хоспитализиран во Белград, каде што веќе наредниот ден дојде претседателот Александар Вучиќ лично да нè посети, да нè слушне и да ни даде целосна поддршка – и психолошка, и медицинска, која во тој момент ни беше најзначајна“, додава Златев. „А кај нас? Нашиот премиер не најде време да дојде и да не види, ниеден од повредените. Ни збор за поддршка. Ни чекор за лекување. Ниту правда, ниту одговорност! Затоа прашуваме: До кога вака? До кога жртвите ќе се игнорираат, а институциите ќе молчат? До кога ќе живееме во држава каде што човечкиот живот ништо не вреди? Бараме: Итна и јавна истрага за причините за пожарот. Поддршка за семејствата на загинатите и повредените. Одговорност за сите што затаија. Достоинство за жртвите, и вистинска грижа за преживеаните. Ова не е само наша болка – ова е срам за една цела држава“, пишува тој во објавата.