Над 20 правници, судии и обвинители, но и познати адвокати се меѓу пријавените кандидати за македонски судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) кој треба да ја преземе функцијата на почетокот на следната година и ќе има мандат во траење од девет години. На списокот на кандидати, кој го објави „360 степени“, меѓу другите се и Наташа Габер-Дамјановска, поранешна директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, која влезе во финалето при претходниот избор на судија за ЕСЧП, како и членот и поранешен претседател на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Заменик-директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, Илир Исени, исто така, е на списокот од 21 пријавен кандидат за позицијата.
И поранешната претседателка на Врховниот суд, која беше разрешена во 2021 година, Лидија Неделкова, е меѓу пријавените. Даница Џонова, која како владин агент за застапување на земјава пред ЕСЧП, има искуство од работата со судот, исто така, поднела кандидатура, пишува порталот. Како што вчера објави „Телма“, кандидатурата за судската позиција во Стразбур ја потврдиле и обвинителката Ленче Ристоска и судијката во Кривичниот суд Оља Ристова.
Меѓу пријавените кандидати се и повеќе познати адвокати: Јордан Апостолски, Тони Менкиновски и Валентин Пепељугоски, како и нивните колеги Иво Савиќ, Јелена Ристиќ, Соња Петрушева и Наташа Бошкова, која работи на прашања поврзани со човековите права и соработува со невладини организации во оваа сфера. Судијката во Апелациониот суд во Скопје, од кривичната област, Габриела Гајдова, исто така се наоѓа на списокот, како и нејзиниот колега од граѓанската област Илир Сулејмани (поранешен претседател на Основниот граѓански суд). Тука се и судиите Андреј Димовски, Али Алиу и Едита Наскова, обвинителот Дејан Петрески и поранешниот член на Антикорупциската комисија Шемси Салаи. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вчера соопштија дека во наредниот период Меѓуресорската комисија што е формирана со одлука на Владата, ќе ги разгледа пристигнатите апликации и ќе изврши интервјуирање на кандидатите, по што ќе пристапи кон процес на нивно рангирање.