
Годинава летниот камп останал без финансиска поддршка, а родителите на децата апелираат до општествено одговорните компании и до хуманите граѓани, да помогнат финансиски, со цел нивните деца да имаат квалитетно поминато време во тек на наредните 2,5 месеци. -Станува збор за обезбедување квалитетна, инклузивна и поддржувачка летна програма за деца со попреченост. Поддршка на семејствата преку дневна грижа и стручни активности во текот на летниот распуст.
Летен камп за деца со попреченост нуди инклузивни активности, едукација и рекреација во безбедна средина. Креативни работилници, игри и дружење, социјализација, самодоверба и личен развој. Значи, за нашите деца нема конкретно решение и не се вклучени во инклузија, државата не вложува во нив, оставени се без активности.
Во изминатите две години се одржуваше летниот камп на неколку локации во Скопје, присуствуваа околу 40 деца кои се на возраст од осум до 14 години. Работилниците траат по околу четири часа на ден, и тие часови се од огромно значење, како за децата, така и за нивните семејства. Веруваме дека хуманиот народ нема да остане рамнодушен на ситуацијата со која се соочуваат бројни семејства, и дека со помош на донации ќе им се оствари желбата на децата со попреченост и нивните семејства, дека ќе имаат исполнето лето, со дружба и разни активности, раскажуваат родители за ,,Фокус”. Појаснуваат дека кампот нуди разни работилници, а со децата работат дефектолози, едукатори, психолози и волонтери.Просториите кои требало да се изнајмат за во нив да се одржуваат работилниците се наоѓале во Аеродром- една просторија, и две простории во Козле.
-Проектот има за цел да го промовира концептот на инклузија, рамноправност и активно учество на децата со попреченост во општеството. Преку разновидни активности, децата ќе имаат можност да се изразат, да учат низ игра и да создадат вредни спомени, додека нивните семејства ќе добијат поддршка и чувство на заедништво, велат родителите. Зад проектот стои Асоцијација за правата на деца и младинци со посебни потреби – Ластовица Скопје.Хуманите граѓани можат да донираат на жиро сметка 210 0570566501 13, Тутунска банка, или пак преку платформата еCrowd.mk.