Состојбата со мајмунски сипаници во Македонија е под контрола, откако беа детектирани два случаи кои меѓу себе не се поврзани. Двете лица се под здравствен надзор на епидемиолози, се наоѓаат во домашни услови со препораки за изолација, а 21 ден ќе бидат следени и тие и нивните контакти. Досегашното следење кое трае околу една недела, не открило симптоми кај контактите на заболените со мајмунски сипаници.
-Сите контакти се под надзор, но ниту еден од нив не пријавува симптоми. 21 ден ќе го вршиме надзорот. Сега двајцата пациенти се во изолација и не се хоспитализирани. Нема законска можност за постојана хоспитализација. Препораките за самоизолација и двајцата пациенти кажуваат дека ги почитуваат, дека едниот е раздвоен од останатите на посебен спрат, а другиот во посебна соба. Нивната здравствена состојба е добра и немаме нов пријавен случај на мајмунски сипаници, изјави за „Слободен печат“ доктор Марија Андоновска, директорка на Институтот за јавно здравје.
Институтот за јавно здравје веднаш направил препораки преку Министерството за здравство, односно протоколи, кои што ги испратиле до сите здравствени установи и матични лекари за да знаат што да направат доколку забележат симптоми кај пациентите.
-Исто така одржавме онлајн-обуки со сите што сакаат да се вклучат во едукацијата, вклучително со инфективни и кожни одделенија, а обуките ги држеа предавачи од Светската здравствена организација а се вклучи и доктор Голубинка Бошевска од ИЈЗ. Тие обуки се завршени, а служеа меѓу другото и за да ги разјасниме протоколите што претходно им ги пративме. Исто така, отворивме две телефонски линии, едната за граѓани а другата за здравствени работници, да ни се јавуваат доколку имаат прашања поврзани со мајмунските сипаници, додаде директорката Андоновска.
Телефонскиот број за информации од граѓани во Институтот за јавно здравје е 076 233-791, додека оној за здравствени работници е 076 233-792. Симптомите на мајмунските сипаници покрај карактеристичниот осип, се висока температура, треска, главоболка, болки во мускулите и во грбот, потечени лимфни жлезди, истоштеност и болки во зглобовите. Симптомите според Центарот за контрола и превенција на болести на САД, почнуваат 21 ден после изложеноста на вирусот. Мајмунските сипаници често почнуваат со осип кој може да биде лоциран на рацете, стапалата, градите, лицето, устата или во близина на интимните регии. Инкубацискиот период е од 3 до 17 дена, временски период во кој заразениот може и да нема симптоми и да се чувствува добро.
Лице кое што е заразено со мајмунски сипаници може да ги пренесе на другите од моментот на почнувањето на симптомите додека крастите целосно да заздрават и да се создаде нов слој на кожа. Најновите податоци покажуваат дкеа некои луѓе може да ги пренесат мајмунските сипаници на другите 1 до 4 дена пред да им се појават симптоми. Не е јасно колку луѓе се погодени од ова за време на глобалната појава на мајмунски сипаници во 2022 година. Моментално нема докази кои што покажуваат дека луѓето без сиптоми го пренеле вирусот на некој друг. Центарот за контрола и превенција на болести на САД ќе продолжи да ги мониторира најновите информации за тоа како се шират мајмунските сипаници, наведуваат оттаму.
Во 2022 година во Македонија се појави првиот сомнеж за активен случај на заболен со мајмунски сипаници. Се работеше за случај во Кичево, но по направениот тест тој беше негативен на вирусот. Епидемијата на мајмунски сипаници во тој период беше најакутна во Велика Британија. Лани летото СЗО прогласи највисоко ниво на тревога поради појава на мутирана варијанта на овие сипаници во Конго, со варијанта што беше позаразна од претходните со можност да предизвика тешка форма на болеста. Во Македонија не постои законска можност да се присили некој суспектен за вирусот да се тестира бидејќи за оваа болест не следува задолжителна изолација, туку само препораки. Но, законските рамки дозволуваат да се побара здравствен надзор. За да се добие резултат од тестот потребни се 5 часа. Епидемиолозите велат дека мајмунските сипаници не се пренесуваат лесно, но потребна е внимателност во смисла на сопствена заштита.
-Потребен е близок, продолжен контакт, вели епидемиологот доктор Драган Даниловски.
Се препорачува хигиена со миење на рацете со сапун и вода, избегнување близок контакт со симптоматски лица и да не се споделуваат лични предмети, како и при сомнителен осип да се консултира лекар. Заболувањето се пренесува со директен контакт со кожни лезии или телесни течности на заразено лице, близок физички контакт, вклучувајќи сексуален однос, контакт со контаминирани предмети како облека, постелнина или прибор, респираторни капки при продолжен близок контакт лице в лице.