Двајца членови на американскиот марински корпус се соочуваат со истраги за наводни силувања во Окинава, Јапонија, соопшти во четвртокот полицијата на архипелагот, бидејќи сексуалните напади извршени од американски војници често предизвикуваат бес во земјата.
„Американски маринец, на возраст од околу 20 години, е осомничен дека силувал јапонскa државјанка во американска воена база во март и повредил друга жена“, изјави денеска за АФП портпаролот на полицијата.
Вториот американски војник, приближно на иста возраст како првиот, исто така, наводно, силувал жена во друга база во јануари, рече тој. Двата случаи беа упатени до обвинителството, а американскиот амбасадор во Јапонија, Џорџ Глас, кој штотуку ја презеде функцијата, увери дека неговата земја „целосно“ ќе соработува со јапонските власти.
„Ние им даваме голема вредност на односите на доверба и пријателство што ги изградивме со децении со нашите јапонски домаќини и јас сум посветен да направам се што е во моја моќ за да ги спречам овие акции да ги загрозат нашите врски“, истакна тој во изјавата.
САД одржуваат околу 54.000 воен персонал распореден во Јапонија, главно во Окинава, во јужниот дел на архипелагот. Сепак, однесувањето на многу од нив често станува причина за недоверба и гнев кај дел од населението. Во петокот во Окинава, американскиот воен персонал учествуваше заедно со жителите и локалните претставници во ноќните патроли. Операцијата, прва од ваков вид од 1973 година, се одржа во близина на американската воздухопловна база по серијата случаи на сексуални напади кои му се припишуваат на американскиот воен персонал. Во 2024 година, 80 членови или подизведувачи на американската војска беа обвинети за различни кривични дела во Окинава, според полициските податоци на островот.