Двајца од четворицата повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кои минатата недела беа префрлени во болници во Белгија, по успешното лекување и закрепнување, денеска се вратија во Македонија. Минатата среда, четворица повредени во трагичниот пожар во Кочани, со специјален авион на романската војска, во координација со ЕУ, беа префрлени на лекување во Белгија и сместени во болници во Брисел, Антверпен и Шарлроа.
Веднаш по најавата за нивно доаѓање во Брисел, голем број македонски државјани кои живеат во Белгија понудија бесплатно сместување и превоз за членови на семејствата на повредените, а Амбасадата обезбеди и преведувачи, кои на повредените и нивните роднини им помагаа за превод во комуникацијата со медицинскиот персонал. – Благодарност до сите наши сограѓани во Белгија кои покажаа силна солидарност и интерес за помош, порача македонскиот амбасадор во Белгија, Методија Белевски, по повод денешното враќање на двајцата пациенти.