Пилоти, пак, ни за лек. Има еден во ДЗС, а како и лани, и годинава се очекува во првата борбена линија да застанат двајца пензионирани пилоти. Сепак, новиот директор Стојанче Ангелов, кој беше назначен пред еден месец, уверува дека се разгледуваат сите можности за засилување на пилотската екипа.До крајот на септември очекува екипата на пилоти да се зголеми на петмина.
– До септември очекувам да имаме уште еден пилот плус. Тој ќе оди на дополнителна обука, бидејќи неговиот ангажман во ДЗС бил запрен поради физичка повреда што ја имал. Имаше и судски спор по што и тоа е завршено и од септември ќе го засили тимот. Со двајцата пензионирани пилоти деновиве треба да ги потпишам договорите, кои би требало да бидат и за следната година, а се обидувам да обезбедам уште еден, петти пилот, ни изјави директорот Ангелов.
Единствениот пилот, кој е вработен во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) не може сам да лета, поради што минатата година од пензија беа вратени двајца пилоти, Стоје Арсовски и Васко Михалчев. Нив, јавноста, заслужено, ги дочека како вистински херои, бидејќи, наместо да одмораат и да уживаат во своите пензионерски денови, тие без многу размислување се согласија повторно да бидат „фрлени во огнот“.Извор: fokus.mk