Тврдењето во објавата дека по двата случаја на мајмунски сипаници во Македонија се подготвува нова пандемија, односно „пландемија“, „Вистиномер“ го оценува како неточно. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на 22 мај информираше дека во земјава се потврдени првите два случаја на мајмунски сипаници. Двата пациенти суспектни на мајмунски сипаници, од Клиниката за кожни болести, биле упатени во Институтот за јавно здравје, каде што по направените лабораториски испитувања на три различни начини било потврдено дека се носители на болеста. Појавата на два случаја на мајмунски сипаници не значи дека во најава е некаква нова пандемија или пак дека некој намерно планира некаква пандемија, пишува „Вистиномер“
Анализираме објава на Фејсбук која споделува вест дека во Северна Македонија се регистрирани два случаја на мајмунски сипаници и притоа вели: Ако не грешам ,,Теориите на заговор” беа дека следната Пландемија треба да започне 2025-2026 год. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на 22 мај информираше дека во земјава се потврдени првите два случаја на мајмунски сипаници. Двата пациенти суспектни на мајмунски сипаници, од Клиниката за кожни болести, биле упатени во Институтот за јавно здравје, каде што по направените лабораториски испитувања на три различни начини било потврдено дека се носители на болеста. Појавата на два случаја на мајмунски сипаници не значи дека во најава е некаква нова пандемија, или пак, дека некој намерно планира некаква пандемија.
Пандемија е појава на заразна болест која се јавува на широка географска област и која е со висока распространетост. Пандемијата генерално погодува значителен дел од светската популација, обично во текот на неколку месеци. Во ситуацијата со мајмунските сипаници не станува збор за пандемија. Светската здравствена организација (СЗО) на 14 август 2024 ја прогласи тогаш актуелната епидемија на мајмунски сипаници во Африка за глобална здравствена криза. СЗО тогаш свика итен состанок на Комисијата за сипаници поради информацијата дека смртоносниот сој на вирусот стигнал до четири африкански региони кои претходно не биле погодени од него. Овој сој претходно беше ограничен на ДР Конго. Ваквата информација беше доволна уште тогаш да почнат да се шират лажни вести и теории на заговор во врска со епидемијата на мајмунски сипаници и неосновано да се тврди дека оваа „пландемија“ била однапред планирана, нешто што се повторува и сега откако во С. Македонија се откриени два случаја на мајмунски сипаници.
Освен што не се работи за пандемија, не станува збор ниту за „пландемија“ – широко распространет термин кој наголемо го користеа антиваксерските движења за коронавирусот, за некаков крајно непрецизен „план” за да се затворат граѓаните, да им се одземат слободите, да се контролираат, но и да се измамат за да веруваат во непостоечка пандемија. Тврдењето во објавата дека станува збор за „пландемија“ односно веќе однапред смислен план, а за кое Вистиномер и претходно има пишувано, се базира на симулациската вежба која се одржала на Минхенската конференција (МСЦ) во март 2021 година, наречена „Зајакнување на глобалните системи да се спречи и да се одговори на биолошки закани со високи последици“. Симулацијата беше иницирана од Иницијативата за нуклеарна закана (НТИ) како дел на МСЦ, за да го сврти вниманието на недостатоците во глобалната координација на пандемијата. Измисленото сценарио на вежбата прикажало смртоносна, глобална пандемија која вклучува необичен вид на вирусот на мајмунски сипаници, кој прво се појавува во измислената земја Бринија и потоа за осум месеци се раширил на глобално ниво .
Она што се симулирало со оваа вежба, е дека почетната епидемија била предизвикана од терористички напад со употреба на патоген, конструиран во лабораторија со несоодветни одредби за биосигурност и слаб надзор. Сценариото на вежбата завршува со повеќе од три милијарди случаи и 270 милиони смртни случаи ширум светот. Целта на вежбата била да ги утврди празнините во националните биосигурности, исто како и во меѓународната биосигурност, понатаму подготвеноста за пандемии и истражување на можностите за подобрување на способностите за превенција и одговор за биолошки настани со високи последици. Вакви вежби, за различни аспекти од системот за заштита и спасување, се правеле и ќе се прават и не претставуваат никаква невообичаена практика. Инаку, мајмунските сипаници не се ништо ново. Неколку илјади случаи се пријавуваат секоја година, речиси сите во Африка. Вирусот кој стои зад мајмунските сипаници е близок до оној што предизвикува мали сипаници, но е помалку смртоносен и помалку пренослив, предизвикувајќи симптоми кои вклучуваат треска и осип. Се нарекуваат мајмунски сипаници затоа што биле откриени во колонии на мајмуни користени за истражување во 1958 година. Според Светската здравствена организација луѓето можат да го пренесат еден на друг овој вирус преку контакт со телесни течности, лезии на кожата или мукозни површини, како што се устата или грлото. Имајќи го предвид сето погоре, тврдењето во објавата дека по двата случаја на мајмунски сипаници во Македонија се подготвува нова пандемија, односно „пландемија“, го оценуваме како неточно. Извор: Новинска агенција МЕТА