Двете британски пратенички, Абтисам Мохамед и Јуан Јанг, на кои им беше забранет влез во Израел и беа накратко задржани во таа земја, се на пат за Лондон, изјави денеска британскиот заменик министер за финансии Дарен Џонс. Претходно, британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами ги критикуваше израелските власти за забраната за влез во Израел на две пратенички од британската Лабуристичка партија и приведувањето, јавува Би-Би-Си.
Лами рече дека ова се целосно неприфатливи и длабоко загрижувачки потези. Тој изјави дека британското Министерство за надворешни работи е во контакт со двајцата пратеници за да им даде поддршка. Лами истакна дека фокусот на британската влада останува на залагањето за прекин на огнот во Појасот Газа и мировните преговори, како и за ослободување на сите преостанати заложници кои ги држи палестинската милитантна група Хамас. На Абтисам Мохамед и Јуан Јанг им беше забранет влезот во Израел затоа што наводно имале намера да шират „реторика со омраза“ против Израел. Тие слетале во Израел во саботата со двајца помошници, а израелскиот министер за внатрешни работи Моше Арбел им забранил влез на сите четири лица, објави „Тајмс оф Израел“. Весникот наведува дека Израел не ја одобрил нивната официјална посета, но британското Министерство за надворешни работи соопшти дека групата била дел од парламентарна делегација.