Две лица, од кои едното од Куманово, а другото од Тетово се приведени откако вчера на граничнуиот премин „Богородица“, во акција на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при Министерството за внатрешни работи (МВР) и на Царинската управа се запленети 188 килограми наркотична дрога марихуана. Дрогата, според директорот на Царинската управа, Бобан Николовски била скриена во камион што бил товарен со рециклирана отпадна хартија. „Двајцата возачи на 8 февруари влегуваат на ‘Блаце‘ со камион. На 9 февруари со истиот камион, едниот од возачите од место меѓу Куманово и Крива Паланка оди кон ‘Богородица‘.
Таму е извршена детална контрола на камионот при што меѓу компресирана рециклирана хартија во четири бали е пронајдена дрогата“, рече тој. Проценентата вредноста на дрогата изнесува 707 илјади евра. Запленетите 188 килограми и 636 грама наркотична дрога марихуана, според Николовски, требало да заврши во Турција. „Царинската управа влезе во траг и спречи меѓународен канал на шверц на дрога“, вели директорот на Царинската управа. Двете лица се уапсени и против нив до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гевгелија е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни суспатнци и прекурсори.