Од Министерството потенцираат дека ова би можело да донесе приходи до 500 милиони евра и нагласуваат оти е важно државата и бизнисите да инвестираат во инфраструктурата, зајакнување на туристичките капацитети, развој на одржлив туризам и рамномерен регионален развој за да го одржат темпото и да извлечат максимум корист.
„Во услови на зголемен развој на туризмот, зголемен број на институции и организации кои работат во делот на туризмот, како и зголемен туристички промет, а посебно имајќи ги предвид меѓународните трендови за развој на одржлив туризам како и заложбите од страна на Владата на Република Македонија за развој на туризмот, се наметнува потреба од реформски мерки во насока на градење ефективен систем на туризмот и создавање поврзана функционална целина која има за задача да одговори на потребите на туристичката дејност и туризмот. За таа цел, Министерството за култура и туризам презема низа реформски и организациони мерки, за што во моментов се одвива процес на преземање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и екипирање на секторот во рамки на министерството со што Министерството за култура и туризмот станува адреса за обраќање за туристичкото стопанство“се наведува во соопштението на Министерството за култура и туризам.
Оттаму појаснуваат дека последните официјални податоци за туризмот покажуваат значителен пораст на странски туристи, и тоа во месеците кои традиционално не се сметаат за туристички пик.Туристите од Турција и понатаму се најбројни, со учество до 42 проценти меѓу странските гости и постојан раст. Србија покажува исто така забележителен подем, односно раст од 20-30 проценти, особено во Скопје и Охрид. Раст бележат и Германија, Грција, Хрватска и Романија, кои остануваат меѓу првите десет пазари. Пазарите како Бугарија, Албанија и Словенија се стабилни, додека кај држави како Косово, САД, Италија и Холандија не се забележани значајни промени.