Општина Центар започна со реконструкција на улицата Дебарца, на потегот од улицата Ленинова до студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“. Се реконструира делница во должина од 220 метри, со целосна санација на коловозната површина од 1.700 квадратни метри и се обновува тротоарот од едната страна со површина од 1.000 метри квадратни.
Продолжуваме со реконструкција и санирање на повеќе улици во општината согласно зацртаната програма. Приоритет ни е модерна и квалитетно изведена патна инфраструктура за побезбеден и полесен сообраќај, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Овој дел од улицата е во амортизирана и дотраена состојба, со сериозни оштетувања што го отежнуваат нормалното одвивање на сообраќајот. Од Општината велат дека со реконструкцијата значително ќе се подобрат условите за движење и безбедноста, а ќе се придонесе и за поквалитетно урбано уредување на просторот. Средствата за реализација се дел од поддршката што Општина Центар ја доби од претходната Влада, во износ од 40 милиони денари, наменети за реконструкција на улиците Светозар Марковиќ и Дебарца. Се очекува работите да завршат за два месеци.