„Иднината на демократијата во фрагментиран свет: Како да зајакнат демократските институции“ е темата на која се дебатираше денеска во Уставната сала Собранието на Република Северна Македонија“, а во во рамки на Третиот форум за културна дипломатија – Скопје 2025. Освен учесниците во Форумот за културна дипломатија, во дебатата се вклучија и пратеници на Собранието на РСМ, при што беше заклучено дека културната дипломатија игра голема улога во јакнењето на демократијата, во период кога, како што беше речено, таа е во стагнација, со оглед на големите гео-политички придвижувања. Отворајќи го настанот, претседателот на Собранието, Африм Гаши, изрази задоволство што Собранието е вклучено во агендата на Форумот за културна дипломатија, што претставува можност и пратеници да дадат придонес кон јакнење на културната дипломатија во светот, која може да го постигне и она што не може да го направи традиционалната дипломатија.
„Културната дипломатија, како претходник на политичката и економската дипломатија во светот, има задача да создава најповолна перцепција за земјите, да ги зближува народите, што впрочем претставува основна мисија на културата. Светот денес се соочува со драматични настани и се менува со светлосна брзина, а геополитичките растечки тензии предизвикуваат потреси и несигурност. Зголемената динамика во меѓународните односи се повеќе упатува на искористување на можностите што ги нуди културната дипломатија, во насока на збогатување и проширување на содржините преку кои се градат и негуваат релациите на надворешно-политички план“, рече претседателот Гаши. Пред присутните се обрати и поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов, истакнувајќи дека ова е време кога целокупниот живот доживува трансформација, додека демократијата е во состојба на стагнација, како резултат на наплив на дезинформации, економска нееднаквост, авторитарни тенденции, политички политизации … Поради тоа, како што рече, потребно е јакнење на демократските институции, зголемување на граѓанското учество во процесите на одлучување, градење стратегии за борба против дезинформациите.
Како учесници во Форумот за културна дипломатија, на настанот присуствуваа и поранешниот претседател на Албанија Реџеп Мајдани, како и поранешниот претседател на Парламентот на Црна Гора Ранко Кривокапиќ, кој, меѓу другото, истакна дека е многу важно да се врати довербата во политиката и да се надмине состојбата на отсуство на политичко лидерство. За значењето на културната дипломатија во јакнењето на демократските институции говореа и Тасмина Ахмет – Шеик, поранешна членка на Британскиот парламент; Давор Филиповиќ, поранешен министер за економија и одржлив развој на Хрватска, Делиа Доминиго Алберт, поранешна секретарка за надворешни работо на Филипините. Пратеничката Саранда Имери Стефаи, претседателка на Комисијата за култура и туризам, исто така, истакна дека културата е мост за поврзување на народите и за надминување на прерасудите и стереотипите.