Проверката на Вистиномер покажа дека девојката на фотографијата не е ќерка на Путин. Самата фотографија е дело на вештачка интелигенција (ВИ), алатката Hive покажа 96.8 отсто веројатност за тоа. А дека фотографијата е фабрикувана може лесно да се воочи и без да се проверува на алатките за откривање ВИ содржини, на пример девојката има шест прсти што е честа грешка на ВИ. Исто така, многу лесно може да се провери кои се ќерките на Путин, бидејќи за нив е пишувано, а објавувани се и нивни фотографии и тие воопшто не личат на девојката од фотографијата што ја анализираме. Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која споделува фотографија од рускиот претседател Владимир Путин со млада девојка за која тврди дека му е ќерка. Претседателот Владимир Путин и неговата ќерка, стои во објавата.
Објавата е доста вирална и има речиси 40 споделувања и повеќе од 200 реакции. Проверката на Вистиномер покажа дека девојката на фотографијата не е ќерка на Путин. Самата фотографија е дело на вештачка интелигенција (ВИ), а тоа може лесно да се воочи и без да се проверува фотографијата на алатките за откривање ВИ содржини. Имено, доколку ја погледнете одблизу фотографијата ќе забележите дека девојката на раката има шест прсти – до показалецот има уште еден прст, а палецот по логика е зад цвеќето за да може да го држи. Сепак, за да се увериме дека станува збор за ВИ содржина, фотографијата ја проверивме и на алатката Hive. И таа го потврди нашете тврдење.
Како што претходно Вистиномер има објавено во анализа на други фотографии изработени со вештачка интелигенција, честа грешка на ВИ е тоа што при генерирање на визуелни содржини на кои има личности, на некои раце се појавуваат по шест прсти, потоа некои прсти се неприродно издолжени, други се неприродно извиткани, а на некои им недостига маса. Ист проблем ВИ има и со сенките. ВИ има проблеми да оцени што е природна позиција на рацете и која е нормалната бројка на прстите на една рака, како и да биде целосно консеквентна каде треба да паѓаат сенките и каде треба да ги има. Кои се ќерките на Путин? На Интернет многу лесно може да се провери кои се ќерките на Путин, бидејќи за нив е пишувано, а објавувани се и нивни фотографии. И тие воопшто не личат на девојката објавена на фотографијата што ја анализираме. Така, како што објавува Би-би-си во 2022 година, Путин и неговата поранешна сопруга Људмила, имаат две ќерки.
Нивната најстара ќерка, Марија Воронцова, е родена во 1985 година. Студирала биологија на Универзитетот во Санкт Петербург и медицина на Московскиот државен универзитет. Воронцова сега е академик, специјализирана за ендокриниот систем. Таа е коавтор на книга за заостанат раст кај децата и е наведена како истражувач во Истражувачкиот центар за ендокринологија во Москва. Во споредба со нејзината сестра, Катерина Тихонова е многу повеќе во центарот на вниманието на јавноста, наведува Би-би-си. Таа е рокенрол танчерка и со нејзиниот партнер беа петти на меѓународен настан во 2013 година. Истата година, таа се омажи за Кирил Шамалов, син на долгогодишен пријател на претседателот Путин. Нивната свадба се одржа во ексклузивен скијачки центар во близина на Санкт Петербург. Шамалов беше санкциониран од САД во 2018 година поради неговата улога во енергетскиот сектор на Русија. Министерството за финансии на САД соопшти дека „неговата среќа драстично се подобрила по бракот“. Двојката оттогаш се разделила. Тихонова сега е во академските кругови и бизнисот. Таа имаше краток настап во руските државни медиуми во 2018 година за да зборува за невротехнологијата, а исто така и на бизнис форум во 2021 година. Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистина.