Правда на руски значи вистина, но, иронично, во случајов се работи за назив на руска интернет мрежа, создадена за ширење на невистини, дезинформации и пропаганда, пишува „Вистиномер“. Дезинформаторскиот телеграм-канал Нов постзападен мултиполарен свет, не е новост и сам по себе не е влијателен, но загрижува тоа што од неодамна е врбуван како извор за новости за македонската филијала на руската пропагандистичка мрежа Правда. Неговите дезинформации сега се шират со нејзина помош, што може да го контаминира нашиот веб-простор, алатките за вештачка интелигенција кои црпат податоци од него и слично, пишува „Вистиномер“ Во продолженмие, ви го пренесуваме текстот во целост:
Правда на руски значи вистина, но, иронично, во случајов се работи за назив на руска интернет мрежа, создадена за ширење на невистини, дезинформации и пропаганда. Во принцип, Правда е еден веб-домен (попросто веб-сајт): news-pravda.com, кој има и многу поддомени (подсајтови), кои се филијали наменети за разни земји како: САД (usa.news-pravda.com), Британија (uk.news-pravda.com), Франција (france.news-pravda.com) и др., или, пак, филијали за одредени јазични зони: франкофонска (francais.news-pravda.com), германска (deutsch.news-pravda.com), шпанска (spanish.news-pravda.com). Во вториов случај опфатот е поширок, затоа што, на пример, содржините на шпански ќе се пласираат и во Ј. Америка, а не само во Шпанија. Правда е организирана на таков територијален или јазички принцип, но од тоа има некои исклучоци. За секој поддомен се отворени и придружни канали на социјалната мрежа Телеграм, како што се: t.me/pravdanewsusa, t.me/pravdanewsuk.
Површно гледано, сајтовите на Правда не се популарни, а тие телеграм-канали немаат многу следачи, но смислата на Правда и не е некој да ги следи тие содржини на класичен начин. Сајтовите од таа мрежа немаат класични редакции и воопшто не се бават со новинарство, туку се нагодени автоматски да црпат (дез)информации од (про)руски извори и да ги преведуваат. Потоа, со технички трикови тоа агресивно се шири на интернет, со што ќе добие голема видливост во пребарувачи како Google, а може и лажно да се претстави како извор во енциклопедии како Wikipedia, што ќе влијае врз алатките за вештачка интелигенција како ChatGPT, кои црпат податоци од такви извори. Па, ако некој бара информации со такви алатки, резултатот ќе му биде контаминиран со руска пропаганда. Мрежата Правда во С. Македонија Мета на мрежата Правда е и Северна Македонија, за која поддоменот е: north-macedonia.news-pravda.com, а придружниот телеграм-канал е: t.me/pravdamkcom. На сајтот се нудат содржини на македонски, но тоа сè уште не е „доиспеглано“, па има и такви, кои дури не се ни преведени од руски. Секој сајт од мрежата црпи податоци од (про)руски извори, па, на пример, американската филијала најмногу црпи од ТАСС и слични агенции, а македонската филијала – од телеграм-каналот на руската амбасада и каналот Нов постзападен мултиполарен свет. Иако тој е второпласиран како извор за македонската Правда, ние ќе се сконцентрираме на него, затоа што за пропагандните активности на амбасадата веќе сме пишувале.
Каналот Нов постзападен мултиполарен свет бил основан на 11.4.2023 г. (прва објава тука), но, според аналитичарите, тој станал извор за македонската Правда дури неодамна, на 10.2.2025 г. Тоа укажува на релативно нова пропагандна кампања. Површно гледано, каналот не е влијателен и има само 304 следачи, што е премалку дури и за скромните македонски услови, но откако тој ѝ се придружил на мрежата Правда, таа ги шири неговите дезинформации, па тој има потенцијал за поголемо штетно влијание. Каналот, на пример, е промовиран по социјалните мрежи од страна на Зоран Јованчев од проруската партија Родина (примери: тука, тука, тука и тука). Примери за дезинформации и манипулации Да издвоиме некои дезинформации и манипулации од тој телеграм-канал. На 18.4.2025 г. тој објавил клип проследен со следниов лажен опис: Заробена специјална падобранска елитна единица #Курск – Русија. Ние пишувавме за тој клип уште на 21.3.2025 г. Тој е сомнителен и се врти на интернет уште од 4.4.2022 г., а украинските сили упаднаа во Курската oбласт на Русија дури на 6.8.2024 г., па клипот не можел да биде снимен таму. Врз него е додаден и натпис на српски, кој вели: Predaja Nato snaga Во Курската oбласт немаше сили на НАТО. Нивен упад во Русија би можел да предизвика нуклеарна војна и за тоа би ечеле и ОН и сите релевантни светски медиуми, но такво нешто не се случи. Каналот објави и клип од заробен украински војник, кој покажува документ за којшто мислел дека е канадска полиса за здравствено осигурување, но тоа била согласност за донирање на органи, што наводно докажува дека украинските власти и нивните западни партнери ги измамуваат украинските војници со цел да им ги одземат и продадат органите.
Проверувачите на факти велат дека секој може да го симне тој документ (формулар) и да го отпечати, па тој не докажува ништо, а тоа е согласност за донирање на органи за резиденти на канадската провинција Онтарио и тоа само ако смртта на донорот настапи таму и ако тој има тамошна здравствена картичка. Заробениот украински војник (ако е украински војник, а не руски актер) не ги исполнува тие услови, па не може да донира органи со тој формулар дури и да сака. Уште поапсурдна е следнава „вест“ која ја објавил каналот: Светскиот економски форум решил „да ја забрани природната репродукција“ и планира „лаборатории за одгледување на деца во вештачки матки“ и нивно „генетско модифицирање“ за тие да бидат „психофизички подобни“ за елитата која владее со светот. Тоа е најобична конспироманија, во која не вреди многу да навлегуваме, особено затоа што Вистиномер веќе се има бавено со неа: тука и тука. Во следниов случај немаме лажна вест, туку преувеличување на вистинита вест: ИЗОЛИРАНА РУСИЈА? Рекорден број светски лидери ќе патуваат во Москва за да учествуваат на Парадата на победата на 9-ти мај: Потоа следи список на тие странски лидери, што ни кажува дека Русија не е сосема изолирана, но и дека меѓу гостите нема многу звучни имиња. За споредба, порано на парадата доаѓаа гости од САД, Британија, Франција и други моќни и влијателни земји, а во 2010 г. нивните вооружени сили дури парадираа среде Москва заедно со оние руските.
Сега гости ќе бидат лидерите на Буркина Фасо, Куба, Виетнам, Венецуела и Србија. Во списокот е и Милорад Додик, кој дури и не е ни лидер на независна држава. По обичај, поголемиот дел од гостите се од бившите советски републики како Белорусија, Туркменистан, Узбекистан, Таџикистан и сл., дел од кои самите се изолирани или заостанати. Вниманието во списокот го привлекува словачкиот лидер Роберт Фицо, единствениот гостин од земја-членка на ЕУ и НАТО, но тој е осамен исклучок, а ни тој не е некој значаен светски политичар. Таков меѓу гостите е само лидерот на Кина и уште понекои. Кога сме кај Кина, каналот објавил и клип кој говори за нејзината наводна „мирољубивост“ во споредба со „западните империјалисти и колонијалисти“, но тоа нема никаква врска со реалноста. И Кина е империјалистичка сила, а во 1950-тите таа го анектирала Тибет, кого го угнетува и асимилира, што им го прави и на етничките Ујгури. Кина тогаш учествувала и во Корејската војна, во 1962 г. војувала и против Индија, во 1969 г. против СССР, а во 1979 г. извршила инвазија врз Виетнам, со што сега му се заканува на Тајван. Кина сега одржа и провокативни поморски воени вежби во близина на Австралија, а да не одиме подалеку во историјата до разните кинески династии и нивните војни и освојувања. Тоталитарен говор во кој провејува култ на личноста
На крај би ја издвоиле веројатно најпропагандистичката објава на овој канал: Зеленски не разбира дека сите ние сме Путин. Русија е Путин. Минатото на Русија е Путин. Иднината на Русија е Путин. БРИКС е Путин. Кина е Путин. Иран е Путин. Путин не е индивидуа – тој е историски феномен. Затоа, Путиновата Русија никогаш нема да биде поразена. Ова звучи како тоталитарен говор во кој провејува култ на личноста и во кој се слави апсолутизмот, тиранијата и едноумието по принципот „Државата – тоа сум јас“, небаре Русија е приватна сопственост на Владимир Путин. Тоа е „светлата иднина“, која проруските пропагандисти ја подготвуваат за нас. Но, тие не можат да знаат што Русија навистина мисли и чувствува, од проста причина што под четвртвековниот режим на Путин таа не може слободно да се изјасни, а оние што ќе се дрзнат на тоа се затворани и убивани како Алексеј Наваљни, Борис Њемцов и Ана Политковскаја. Околу милион луѓе ја напуштија Русија токму заради Путин. И тие се исто така Русија и тоа нејзин битен дел, а меѓу нив има видни интелектуалци, уметници, спортисти. И, Путин може да биде поразен. Тоа се виде во клучните битки за Киев и Харков во февруари-мај 2022 г., но и на 11.11.2022 г., кога Путин го загуби Херсон, единствениот областен центар, кого успеа да го заземе во сеопфатната инвазија врз Украина. Путин не успеа да ги постигне зацртаните цели за т.н. денацификација (заземање на Киев и соборување и лустрација на тамошната власт, која лажно ја опишува како „нацистичка“) и за т.н. демилитаризација (Украина е уште помилитаризирана и таа дури му влезе на Путин дома, во Курската Област на Русија, што за неговата суперсила беше невиден срам). По сето тоа, не е јасно за каква тоа непобедливост говори објавата. Спротивно на раширеното мислење, односите меѓу Русите и Кина воопшто не се идеални и под нив тлеат нерасчистени историски сметки, а иако во БРИКС има моќни земји како Кина, среде членките на тој економски сојуз, кандидатите за членство во него или неговите партнери има доста земји во развој, кои имаат безброј проблеми. За споредба, Русија порано беше во групата најразвиени земји на светот – Г8, па ова за неа е драстична деградација. Извор: Новинска агенција МЕТА