Француската државна агенција за борба против дезинформации ВИГИНУМ објави анализа на руските манипулации со информации спроведени преку 77 засебни кампањи меѓу август 2023 и март 2025 година, кои заедно го носат името „Бура-1516“. Главниот таргет на дезинформациите „Бура-1516“ биле владата на Украина со семејството Зеленски. „Бура-1516“ сега е кохерентен и зрел систем што може да биде активиран од спонзорите за дискредитација на европските и северноамериканските личности и организации особено во пресрет на големи настани како избори. Главниот таргет биле владата на Украина со семејството Зеленски, со цел да заслабне поддршката и помошта од западните земји. За таа цел тие беа претставувани како „корумпирани богаташи кои се расфрлаат со странската помош“ Пишува: Мирослава Симоновска
Француската државна агенција за борба против дезинформации ВИГИНУМ објави анализа на руските манипулации со информации спроведени преку 77 засебни кампањи меѓу август 2023 и март 2025 година, кои заедно го носат името „Бура-1516“. Главниот таргет на дезинформациите „Бура-1516“ биле владата на Украина со семејството Зеленски, со цел да заслабне поддршката и помошта од западните земји. За таа цел тие беа претставувани како „корумпирани богаташи кои се расфрлаат со странската помош“. Иако Северна Македонија не се споменува во анализата на ВИГИНУМ, сепак, дел од наративите и кампањите во извештајот се објавувани на социјалните мрежи и во земјава. Важната напомена што ВИГИНУМ ја пласира е дека „Бура-1516“ ги исполнува критериумите за странско дигитално мешање и претставува значителна закана за дигиталната јавна дебата и во Франција и во другите држави на Европа. Кои дезинформации од „Бура-1516“ проциркулираа во Северна Македонија?
Кога ќе се погледнат „кампањите“ за оцрнување на Володимир Зеленски и неговото семејство споменати во извештајот на ВИГИНУМ, евидентно е дека некои од нив проциркулирале и во Северна Македонија. Тие честопати го таргетираат Зеленски кој е лажно обвинуван дека е „неонацист“, „наркоман“, човек кој ги злоупотребува европските пари за помош на Украина за сопствени луксузи. Во малициозните наративи честопати е вклучена и неговата жена Олена Зеленска, која исто така е невистинито претставувана како ненаситна трошаџика на луксузен накит во софистицирани ексклузивни продавници. @Најчестиот наратив е обвинувањето кон Володимир Зеленски и оние што се блиски до него за „пренасочување на западната помош и трошење огромни пари за луксузни имоти во странство“, како и неговата наводна намера да избега од Украина, која пак е презентирана како да е „држава на работ да ја изгуби војната“. Тврдеа дека украинскиот претседател купил јахта од 75 милиони долари, казино во Кипар, вилата на Стинг во Тоскана, поранешната резиденција на Гебелс, автомобилот на Хитлер. Во август 2023, преку лажен новинар по име Мухамед Ал Алави, се тврдеше дека мајката на Олена Зеленска купила имот во египетски резорт за 5 милиони долари. Во декември 2023 следуваше нова операција од наводниот „брат на Ал Алави“ кој го обвини украинското разузнавање дека го убиле брат му после неговото „истражувачко новинарство“. Овие информации за кои најверојатно било платено да се објават, се појавија во египетските весници, па Министерството за внатрешни работи на Египет мораше официјално да ги демантира“, се наведува во извештајот.
Во С. Македонија „Вистиномер“ ги рецензираше дел од дезинформациите кои во извештајот на ВИГИНУМ се посочени како креирани од руска организирана „кујна“. На пример, и кај нас беа актуелни дезинформациите од извештајот за наводните јахти што „ги купил Зеленски“, а кои воопшто не беа продадени. Во долгата листа на дезинформации за Зеленски и неговиот непостоечки „шопинг по имот“, во земјава проциркулира и невистината за купување казино во Кипар, вилата и винаријата на Стинг, дезинформацијата дека Зеленски го купил автомобилот на Хитлер, невистината дека тештата на Зеленски купила вила во Египет итн. Но, тоа не се единствените дезинформации нотирани од француската државна агенција за борба против дезинформации. „На пример, во јули 2024 година проциркулира фалсификувана сметка чија цел беше да ги натера луѓето да поверуваат дека Олена Зеленска ја искористила официјалната посета на Володимир Зеленски на Франција, за да си купи Бугати автомобил од 4,5 милиони евра. Документот од наводната „сметка“ е фалсификуван“, пишува во извештајот на ВИГИНУМ. Рецензиите на „Вистиномер“ за оваа конкретна дезинформација покажуваат дека во С. Македонија дури и официјални медиуми ги споделувале. Освен „бугати“ автомобилот, „Вистиномер“ ја забележа и ја рецензираше дезинформацијата дека Олена Зеленска наводно потрошила 1,1 милиони долари на Картие накит.
Во извештајот на француски ВИГИНУМ доаѓаат до заклучокот дека некои од индивидуите што во рамките на „Бура-1516“ ја ширеле пропагандата дека сопругата на Зеленски, Олена, наводно „купила накит во Картие од над милион долари“ биле луѓе што се платени актери. Всушност се работеше за студентка која живее во Санкт Петербург и најверојатно била регрутирана да го сними видеото. ВИГИНУМ има хипотеза дека актерите што живеат во странство може да бидат регрутирани за вакви операции преку онлајн сервиси. Актерите од „Бура 1516“ се обидуваат да регрутираат платформи што се блиско поврзани со содржината што треба да се пласира, односно индивидуи што го зборуваат јазикот на земјата во која се пласираат содржините. Така тие користеа профили на германски јазик кога ги таргетираа парламентарните избори во Германија. Кога го пласираа видеото дека наводно Зеленски го купил имотот на пејачот Стинг во Италија, се служеа со профилот на „Рамбл“ на италијански заговорнички портал, наведува ВИГИНУМ. Меѓу дезинформациите кои се нотирани во францускиот документ има и уште една што стигнала до македонското говорно подрачје на социјалните мрежи, а која „Вистиномер“ ја има забележано – тоа е дезинформацијата дека Зеленски купил вила од британскиот крал Чарлс Трети за 20 милиони долари.
Освен Украина, мета беа Франција, Германија и САД во пресрет на изборите Таргети на дезинформациите, како што се наведува во извештајот покрај Украина биле и Франција, Германија, САД, особено во пресрет на изборите. Така, беа споделувани дезинформации од „Бура-1516“ дека ФБИ прислушувале објект на Доналд Трамп, дека Барак Обама бил вмешан во обидот за атентат врз Трамп од 13 јули 2024. Конкретно за изборите во Европа, нотирана е дезинформација во која Урсула фон дер Лајен е обвинета дека „ѝ помогнала на руска металуршка компанија да ги заобиколи европските санкции што беа воведени по руската воена инвазија врз Украина“. Цели на лажни информации била и руската опозиција во егзил, поконкретно личности поврзани со „Фондот за борба против корупција на Александар Навални“. Навални почина во затвор во февруари 2024. Операцијата „Бура-1516“ за остварување на своите цели според ВИГИНУМ, користи фото и видеомонтажи, невистинити информации, видео и аудиоснимки креирани со вештачка интелигенција, но и видеа со платени актери. На нив им се лепат и текстови и гласови на француски, англиски, украински, германски, шпански и арапски јазик. Тие се шират преку таканаречени „burner“ профили, кои се создаваат и веднаш по остварувањето на целта се бришат, а потоа содржините се преземаат односно се „перат“ преку медиуми после што проруските актери ги засилуваат преку свои мрежи. Истрагата на француската агенција за борба против дезинформации потврдува вмешаност на поединци и организации блиски на руската влада, вклучувајќи го Џон Марк Дуган, поранешен американски полицаец кој е во егзил во Русија, како и членови на екосистемот на Пригожин и Дугин.
Извор https://www.sgdsn.gouv.fr/files/files/Publications/20250507_TLP-CLEAR_NP_SGDSN_VIGINUM_Technical%20report_Storm-1516.pdf
Овој сет на манипулации со информации „Бура-1516“ што е активен над година и половина е комплексен, адаптибилен и ефективен при ширење антиукраински и антизападни наративи наменети за западната публика. Од почетокот на руската воена инвазија врз Украина, овој еко-систем значајно инвестираше во координирање на акции во голема мрежа актери и организации што оперираат од руска територија во таргет земјите.
„Бура-1516“ сега е кохерентен и зрел систем што може да биде активиран од спонзорите за дискредитација на европските и северноамериканските личности и организации особено во пресрет на големи настани како избори. Најверојатно ќе продолжат да работат во насока на подигање на кредибилноста на своите содржини, да ги заобиколат механизмите за модерирање на платформите. Во светло на овие настани, ВИГИНУМ смета дека „Бура-1516“ ги исполнува целите на странско дигитално мешање и претставува значајна закана за француската и европската дигитална јавна дебата. Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар Извор: Новинска агенција МЕТА