Што се однесува до првото видео објавено од Ковачки, станува збор за свадба, настан кој на 11.09.2022 е објавен на социјалните мрежи и за кој се преземени соодветни мерки и активности. На 12.09.2022 по наредба на ОЈО Велес е извршен претрес кај И.А. (48) од село Горно Јаболчиште, при што се пронајдени и одземени 8 чаури од пушка, 10 чаури од гасен пиштол и 1 чаура од пиштол. На 23.12.2022 против И.А. е поднесена кривична пријава по член 288 за предизвикување на општа опасност.
Исто така, во врска со овој случај, во август 2023 година, по обезбедени видео материјали, дополнително е утврден идентитетот на уште едно лице Б.Д. (24) и со него е извршен службен разговор по наредба на ОЈО Велес, а по целосно документирање на случајот против Б.Д. ќе биде поднесена кривична пријава.
Што се однесува до второто и третото видео, СВР Велес во координација со Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди веќе презема мерки за расчистување на случаите и санкционирање на сторителите, по што јавноста ќе биде соодветно известена.
МВР во изминатиот период јасно покажа дека нема никаква толеранција за кршење на законите и нема апсолутно никаква селективност без оглед кој е сторителот. Доколку се утврди вина кај било кој полициски службеник или вработен во МВР и негова поврзаност со било кое кривично дело, тој, како и во сите досегашни случаи, ќе биде соодветно санкциониран.