Министерството за социјална политика, демографија и млади ја известува јавноста и ги демантира изјавите од страна на Еркан Шаќири од Здружението на лица co посебни потреби СОС ВИТА насочени кон министерството и министерот Фатмир Лимани, дадени во медиумите. За точно информирање на јавноста известуваме дека со конкретното здружение и именуваниот се направени средби и консултации за нивно вклучување во системот на социјална заштита како даватели на услуги. На состаноците беше разгледана и елаборирана можноста здружението да влезе во системот на социјална заштита да биде лиценциран давател на социјални услуги согласно нормите и стандардите предвидени за таа услуга. И покрај помошта и инструкциите од нашето министерство, до овој момент комисијата која функционира во рамките на министерството не го добила барањето од предметното здружение.
Министерството е отворено за финансирање лиценцирани даватели на социјални услуги преку јавни повици/конкурси, услуги кои се во согласност со законските и подзаконските акти, како што се: услуги за стручна помош и поддршка, советодавни услуги, услуги во домот, услуги во заедницата и услуги за заштита надвор од семејството. Министерството апелира Здружението СОС ВИТА да пројави интерес и да ги исполни потребните законски услови, со цел отворање на можноста за постапување од страна на министерството.
Министерството за социјална работа, демографија и млади дефинира мрежа на овластени даватели на социјални услуги. Мрежата на овластени даватели на социјални услуги ја сочинуваат јавни установи за социјална заштита и други овластени даватели на социјални услуги, со кои Министерството за социјална работа, демографија и млади, односно општините, градот Скопје и општините во градот Скопје имаат склучено административни договори за давање социјални услуги, како и физичко лице кое добило дозвола за вршење работи на социјална заштита како професионална дејност и има склучено договор со Центарот за социјална работа. Здруженијата, други правни и физички лица, кои не се во мрежата на овластени даватели на социјални услуги, даваат социјални услуги доколку имаат добиено дозвола за вршење работа од социјална заштита.