ЈП Комунална хигиена Скопје ги демантира наводите на властите на општина Чаир кои во обид да ја покријат сопствената неспособност обвинуваат дека подигнувањето на комуналниот отпад во оваа скопска општина се одвива нередовно. Општинските власти кои немаат склучено договор со единствената санитарна депонија Дрисла, треба да појаснат каде цела измината година го фрлаат кабастиот и друг отпад што го собираат и да дадат одговор дали депониите низ Чаир тие ги креираат а потоа бараат вина во ЈП Комунална хигиена?
ЈП Комунална хигиена Скопје во општината Чаир, како и во сите останати скопски општини, секојдневно го собира и транспортира комуналниот отпад без никаков застој, согласно динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје. Во општина Чаир е забележана масовна појава на непрописно фрлање кабаст и градежен отпад на јавни и сообраќајни површини, особено во непосредната околина на контејнерите наменети за одлагање на комуналниот отпад.
Со цел одржување на максимално ниво на хигиената и заштита на јавното здравје, само во текот на месецот април 2025 година, ЈП Комунална хигиена Скопје реализираше над 20 вонредни активности за чистење при што беа отстранети дополнителни 430 кубни метри отпад од диви депонии токму во општината Чаир. Што се однесува до наводите дека во оваа скопска општина не се поставени доволен број на контејнери, би сакале да ја информираме јавноста дека само во текот на изминатата недела осумдесет дотраени контејнери на повеќе локации во општината Чаир беа заменети со нови садови.