-Земам јавна обврска да се испита како е засновано тоа здружение на антиваксери и под кои законски принципи функционира. Тоа треба да се види. Секоја изјава во медиуми треба да се проследи и да се види точно што стои зад такви антиваксерски кампањи. Не знам законски каква е можноста да се атакува на тие структури, но ако има потреба ќе влијаеме и да се сменат законите со кои ќе се казнуваат сите луѓе кои почнуваат некаква си кампања против вакцинацијата, изјави министерот за здарвство, доктор Демири.
И дел од лекарите се антиваксери. Лекарска комора има сознанија за лекари кои на социјалните мрежи објавуваат ставови против вакцините и дезинформации, ама социјалните мрежи се сива зона каде се бара модус како да се делува.
-Имам фотографии од Фејсбук статуси каде колешка пишува против вакцините. Имам слушнато за уште една колешка. Се обратив до Комисијата за заразни болести заедно некако да направиме механизам за пациентите што добиле информација дека вакцините не се добри, да добијат шанса да ги добијат вистинските информации, изјави претседателката на Лекарската комора, професор доктор Калина Гривчева Старделова.
Таа додава дека правото да се биде здрав и заштитен не е помало од правата на тие што одбиваат да бидат вакцинирани, рече Гривчева Старделова и вети дека следуваат чекори за сериозна организација на системот за промоција на вакцините и сузбивање на дезинформациите.Доктор Џабир Бајрами директор на Здравствен дом Кичево и педијатар по професија, истакна дека вакциналниот опфат во Кичево е 96 проценти, затоа што се работи по закон и се изрекуваат глоби за неодговорните родители.
-Вакцините се законска обврска. Во Кичево како работиме? Ги покануваме родителите со децата неколку пати. За тие родители што не одговараат и не сакаат да ги донесат децата на вакцинирање, ние ги пријавуваме до инспекторатот и ги казнуваат родителите. Тоа е спроведување на закон. Децата што не се вакцинирани не смее да се запишуваат во градинки и училишта. Ние имаме одговорност и не смееме да ги загрозиме одговорните деца и родителите. За жал има колеги, кои им кажуваат на родителите да не вакцинираат пред детето да почне да зборува. А ние и законски и професионално се обидуваме да им помогнеме на овие родители да постапат правилно, рече доктор Бајрами.
Денеска во просториите на Лекарската комора трите медицински комори, Министерството за здравство, медицинските факултети и Институтот за јавно здравје потпишаа декларација за промоција и поддршка на вакцинацијата. Професор доктор Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација рече дека жално е да се учиме од грешки кои се повторуваат.
-Во епидемијата со морбили во 2018 година имавме 1901 заразени деца и 4 смртни случаи. Направивме масовна имунизација која резултираше со опфат над 95 проценти со МРП. А сега пак се соочуваме со епидмија на пертусис но и со сериозен ризик од повторна епидемија со морбили. Имунизацијата е универзална здравствена мерка која навистина не довела да го чувствуваме квалитетот на денешното живеење, но само ако е на бараното ниво. Етички и професионално ниеден здравствен работник не смее да го доведе во прашање размислувањето за имунизацијата и да шири неточни информации, рече професор доктор Грозданова.
Со едноминутно молчење на настанот им беше оддадена почит на двајца медицинари кои минатата недела го загубија животот во различни неповрзани околности. Со едноминутно молчење почит им беше оддадена на докторката Моника Лукровска која загина во сообраќајка и на докторот Ацо Трповски кој беше убиен од засега непознат сторител на паркинг во Железара, во неговиот автомобил паркиран пред амбулантата каде работел.