Демократските претставници во Претставничкиот дом на САД потпишаа писмо до американскиот претседател Доналд Трамп, во кое бараат Илон Маск, милијардер и негов близок соработник, да ја напушти функцијата во Белата куќа до 30 мај. Во писмото, потпишано од 77 демократски пратеници, се наведува дека Маск е вработен во Белата куќа како „специјален вработен во владата“ и дека едно лице може да остане на таа позиција најмногу 130 дена. „Бараме јасна порака од вашата администрација која ќе потврди дека Маск ќе ја напушти функцијата и ќе го загуби овластувањето за одлучување до 30 мај, како што налага законот“, се наведува во писмото, пренесе Аксиос.
Тие, исто така, побараа Маск да ги продаде своите компании SpaceX и Tesla, доколку Трамп одлучи да го врати во владата. Ваквото барање го оправдаа со тоа што овие две компании добиваат значителни средства од американскиот буџет. Водачот на парламентарната група што ја покрена оваа иницијатива, Грег Казар, изјави за Аксиос дека ова е „само првиот чекор“ и дека Демократската партија има „правни и политички опции“ да го исполни ова барање. „Трамп мора да знае дека притисокот на јавноста врз него само ќе се зголемува од денеска до 30 мај“, рече Касар. Сепак, вреди да се истакне дека од почетокот на неговиот мандат, администрацијата на Трамп во неколку наврати игнорираше правила кои се дел од американските закони и Уставот, чиј најдобар пример е депортацијата на повеќе од 200 граѓани на Венецуела иако беа запрени од судија.