По заминувањето на Арбен Таравари од Владата, владини претставници тврдат дека наскоро ќе им се приклучат неколку пратеници од опозицискиот Европски фронт предводен од ДУИ. Еден од партнерите во овој Фронт е Демократската партија на Турците, чиј довчерашен партиски лидер и воедно пратеник Бејџан Иљас неодамна остави можност да станат дел од мнозинството, под одредени услови поврзани со позиции и проекти. Сепак, тој рече дека оваа одлука треба да ја донесе новото раководство, кое ќе се формира откако на Конгрес веќе беше избран нов претседател. Станува збор за Зулфикар Зејнула, кој победи во внатрепартиската трка во конкуренција на Ердал Ахмеди и Мухитин Кахвеџи. „Фокус“ стапи во контакт со Зејнула, кого го прашавме дали ДПТМ и понатаму ќе остане дел од Европскиот фронт или размислува за премин во власта?
Демократската партија на Турците во Македонија, најстара и најорганизирана партија што ја претставува турската етничка заедница во земјава, која моментално е дел од опозицискиот Европски фронт, избра нов партиски лидер.Станува збор за Зулфикар Зејнула, поранешен заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување и досегашен член на раководството на ДПТМ, кој на лидерската позиција во партијата го наследи пратеникот Бејџан Иљас.
Покрај него, во трката за партиски лидер беа и Ердал Ахмеди, генерален секретар на ДПТМ, и Мухитин Кахвеџи, поранешен премиерски советник и долгогодишен претседател на огранокот на партијата во Гостивар.Уште во пресрет на конгресот, дел од медиумите објавија дека Зејнула влегува како фаворит, бидејќи успеал да изгради стабилна поддршка, особено меѓу делегатите од западниот, источниот и југоисточниот дел на државата, каде партијата има постојана поддршка.
Притоа, одредени неофицијалните информации одеа во насока дека Кахвеџи, чиј матичен гостиварски регион е место од каде ДПТМ црпи голем број на гласови, би можел да го поддржи кандидатот кој би му овозможил министерска или заменик-министерска позиција.
„Без разлика кој кандидат ќе го изберат делегатите на конгресот, не е тешко да се предвиди дека ДПТМ ќе започне преговори за приклучување кон владејачкото мнозинство веќе во понеделник. Не знам дали недела ќе биде крај на една ера за Турците во Македонија, но сигурно е дека ќе биде почеток на нова“, напиша Сејјид Емин, главен уредник на „Тимебалкан“.
Токму идното политичко делување и новиот политички курс по смената на партискиот лидер и изборот на ново раководство е главното прашање што се поставува во врска со ДПТМ, која моментално е дел од опозицискиот Европски фронт предводен од ДУИ.Имено, откако поранешниот министер за здравство Арбен Таравари ја напушти власта и се пресели во опозиција, каде засега со себе однесе 3 пратеници, се отвори темата на кој начин мнозинството ќе ја компензира оваа загуба?
Во таа насока, владејачки претставници постојано велат дека, не само што двајца од петмината пратеници од крилото на Таравари во Алијанса за Албанците решија да останат дел од власта, туку ќе им се приклучат и пратеници од опозицијата, при што се споменуваат неколку пратеници од Европскиот фронт.
–Деновиве се водат преговори и со други пратеници кои се дел од Европскиот фронт кои веќе го напуштаат бродот Титаник и преминуваат на победничката страна на ВЛЕН… Мислам дека соодносот е позитивен, повеќе пратеници дојдоа отколку што заминаа – рече вицепремиерот Изет Меџити на Сител, додавајќи дека очекува 3-4 пратеници од Европскиот фронт да се приклучат на ВЛЕН, така што, според него, на крајот ќе испадне дека тројца заминале, но шестмина дошле во мнозинството.
Во тој контекст, и довчерашниот лидер на ДПТМ – Иљас, кој воедно е републички пратеник избран на заедничка листа со другите партнери од Европскиот фронт, не ја отфрли можноста за премин во власта, меѓутоа посочи дека за тоа ќе одлучи новото партиско раководство.
–Едно од барањата ќе биде Турците да добијат министер за да се работи на решавање на нивните проблеми. Но, тоа нема да биде најважно. Во партијата ќе се разговара за реализација на проекти бидејќи имаме делови каде што Турците живеат без да имаат вода… – рече тој за 360 Степени, истакнувајќи дека доколку се преговара за влез во Владата, тоа ќе биде директно со премиерот Христијан Мицкоски.
Во обраќањето по повод изборот, новиот лидер на ДПТМ, Зејнула, се заблагодари за укажаната доверба и порача дека партијата ќе продолжи да се залага за интересите на турската заедница во земјата и за активна улога во демократските процеси во државата.
„Фокус“ стапи во контакт со Зејнула, кого го прашавме дали ДПТМ и понатаму ќе остане дел од Европскиот фронт или размислува за премин во власта, меѓутоа тој најави одговор откако ќе ја преземе партиската функција во полн капацитет во текот на следната недела.
Како што е познато, дел од Европскиот фронт предводен Али Ахмети се уште неколку парламентарни субјекти, како крилото на Алијанса за Албанците на Зијадин Села, Народното движење на Скендер Реџепи, како и ДПА на Мендух Тачи, кој пред извесно време излезе од коалицијата, но се уште е дел од опозицијата.
Покрај Иљас од ДПТМ, дел од Фронтот е уште еден претставник на турската заедница. Тоа е Сали Мурати од Движењето на Турците во Македонија за правда и демократија, кој, сепак, неодамна експлицитно ја отфрли можноста да ја напушти опозициската коалиција и да се пресели во власта.
–За нас моралните вредности се многу значајни и за договарање. Можам да кажам, како претставник од турската заедница, дека ние сме многу среќни во Европскиот фронт. Гледате која слобода и афирмативни вредности ги застапувам една година. Верувајте дека можеби сме најдемократски настроената парламентарна група во Собранието и немам никаква причина да преминам – изјави Мурати.