Во Собранието за денеска се закажани седници на комисиите за европски прашања, за одбрана и безбедност, за економски прашања, труд и енергетска политика, за прашања на изборите и именувањата, за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и на Законодавно-правната комисија. На дневен ред на Комисијата за европски прашања е Предлог законот за енергетика во прво читање, обележан со европско знаменце, кој со повеќе предлог закони во второ читање од економската област се на расправа во Комисијата за економски прашања труд и енергетска политика.
Две предлог одлуки во второ читање за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија се точките за кои ќе расправа Комисијата за одбрана и безбедност. Комисијата за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникации, пак, треба да го разгледа Годишниот Финансиски план за 2025 година на Оперативно-техничката агенција за средствата од надоместоците од Агенцијата за електронските комуникации.
Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за медиуми и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за градење, и двата во второ читање, ќе се најдат пред членовите на Комисијата за транспорт дигитална трансформација животна средина и просторно планирање. На Законодавно – правната комисија ќе се најдат сите точки од погоре наведените собраниски комисии.