Според официјалните податоци објавени од Централната изборна комисија, за овие избори се регистрирани 53 политички партии како изборни субјекти, меѓу нив и неколку нови партии, додека во трка се и три предизборни коалиции. Албанските граѓани со право на глас денес на 11 мај ќе го избираат новиот состав на Собранието на Албанија, на единаесеттите парламентарни избори во земјата од падот на комунистичкиот режим во 1991 година, пренесува Порталб.мк. Изборната кампања официјално заврши на 9 мај, а политичките партии ги претставија своите изборни програми, фокусирајќи се на различни сектори, како што се процесот на европска интеграција, поддршката за ранливите категории, здравството, образованието и други сектори.
Според официјалните податоци објавени од Централната изборна комисија, за овие избори се регистрирани 53 политички партии како изборни субјекти, меѓу нив и неколку нови партии, додека во трка се и три предизборни коалиции. Главните партии кои учествуваат на изборите се владејачката Социјалистичка партија (СП) предводена од премиерот Еди Рама и најголемата опозициска партија, Демократската партија (ДП), предводена од поранешниот премиер Сали Бериша. Граѓаните со право на глас ќе изберат нов состав на албанскиот парламент со 140 пратеници за мандат од четири години. Изборниот систем за албанскиот парламент е пропорционален систем со повеќемандатни изборни единици, со затворена и отворена листа.
Вкупниот број на изборни единици е 12, а бројот на пратенички мандати по изборна единица варира од три мандати за округот Кукс, до најголемиот број мандати, односно 37 мандати за округот Тирана. Според официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи на Албанија, право на глас имаат 3.713.761 албански државјани, во земјата и во дијаспората, од кои 114.642 избирачи гласаат за првпат. Низ целата земја ќе има 5.225 избирачки места, а процесот на гласање и броење на гласовите на некои од нив ќе се спроведе преку електронски уреди за гласање и броење. Главната новина на изборите е гласањето од надвор од Албанија. На овие избори првпат ќе гласаат и албанските државјани кои живеат надвор од територијата на Албанија. Според официјалните податоци на Централната изборна комисија, потврдено е дека конечниот број гласачи од дијаспората е 245.935.
Процесот на гласање за граѓаните на Албанија кои живеат во странство започна на 15 април 2025 година и моментално продолжува преку пошта. Гласањето од надвор од земјата се смета за историски момент за изборните процеси во Албанија, бидејќи првпат албанските граѓани гласаат надвор од територијата на земјата. Во однос на изборната програма на партиите, владејачката Социјалистичка партија како едно од главните прашања го истакна процесот на интеграција на земјата во Европската Унија (ЕУ), како и продолжување на реформите во многу сектори. СП вети дека ќе се фокусира на целосно исполнување на критериумите за членство во ЕУ, како и отворање на сите преговарачки поглавја до крајот на 2025 година и целосно членство на земјата во ЕУ до 2030 година. Исто така, владејачката партија изјави дека ќе продолжи да ја поддржува реформата во институциите на правдата, гарантирајќи, според нив, функционирање на новите институции врз основа на меѓународни стандарди, зголемување на платите за наставниците, како и подобрување на квалитетот на социјалните услуги. Најголемата опозициска партија вети поголема финансиска поддршка за пензионерите и семејствата со ниски приходи. Исто така, ДП вети реформирање на даночниот систем, образовниот систем и здравствениот систем со рефундирање на лековите за граѓаните. Извор: Новинска агенција МЕТА