Член на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, еден ден пред да аплицира за позицијата, си дал оставка од секретар на политичка партија, па затоа Антикорупциска на денешната седница ја отфрли пријавата против него. Во пријавата се наведувало дека тоа лице извршувало 2 функции одеднаш, ем член на Комисијата при АЕК, ем секретар во политичка партија.
Побаравме информации до партијата и утврдивме дека наведеното лице има поднесено неотповиклива оставка од позицијата секретар во партијата 1 ден пред да ја достави апликацијата до Собранието на Македонија за да аплицира на конкурсот за член на комисијата на АЕК. Согласно законот за електронски комуникации лицето може да е член на Комисијата во АЕК ако не извршува функции во органи на политичка партија. ДКСК нема елементи да постапува, рече членката на Антикорупциска што го реферираше предметот Цвета Ристовска. Антикорупциска комисија едногласно ја отфрли пријавата но ќе достават укажување до законодавецот.
-Со оглед на тоа што се работи за самостојни и независни органи кои вршат дејности за јавни овластувања треба да се целосно независни и самостојни во работењето. До законодавецот ќе доставиме укажување да преиспита дали на денот на аплицирањето лицата кои ќе се јават на конкурсот треба да не се членови на политичката партија или треба одреден временски период претходно да не вршат такви активности. Ова со цел да се запази принципот на независност, непристрасност и професионалност, додаде Ристовска.