Позната е антипатијата на Трамп кон ЕУ и неговиот став дека Унијата е создадена „да ги зафркне Соединетите држави“. Зошто тогаш не би ја зафркал тој Унијата пред таа да го зафркне него? Всушност, тоа и го прави. На политички план неговиот пратеник,потпретседателот Венс, неодамна, на Минхенската конференција, им даде поддршка на десните партии во Европа кои се за олабавување на европскиот сојуз ако не и за негово напуштање. Неговата заложба за „слобода на говор“ на десничарската Алтернатива за Германија е обид да се зајакнат тенденциите кои водат кон дезинтеграција на Унијата. На економски план, обидот на Трамп да ги принуди земјите во светот на поединечни преговори со Америка околу наметнатите тарифи, ја става на тест способноста на ЕУ да зборува со еден глас по тоа прашање.
Каков и да биде исходот, на ум треба да ги имаме зборовите на Хенри Кисинџер дека ако некоја американска администрација реши „да игра“ една европска држава против друга во манирот „подели па владеј“, тоа ќе биде крај на сјајниот европски проект. Парадоксално, претседателот Трамп не знае дека ЕУ е и нивно дело. Или, веројатно знае ама тоа веќе не е важно. Кога потпретседателот Венс бил прекорен за агресивната политика на неговата земја кон сојузникот Данска по прашањето за Гренланд, и кога го потсетиле дека се работи за држава сојузник на Америка во војна против теророт пред триесетина години, тој одговорил дека и Америка може да се повика на истоварувањето во Нормандија и помошта во борбата против Хитлер. Ама едното било пред 30 а другото пред 80 години, и не е веќе релевантно за денешните безбедносни дилеми.
Сукобот на администрацијата на Доналд Трамп со ЕУ го наметна прашањето:која е позицијата на Македонија? Анегдотата вели дека кога го прашале словенечкиот министер за надворешни работи за позицијата на Словенија кон американската војна во Ирак, одговорил дека Словенија е премала за да има став. Тамам работа некој политичар да го каже тоа во Македонија: ќе го одерат жив. Одговорот на македонските власти е дека ние сме и со Америка и со Европа.
Пукнатината во односите помеѓу трансатлантските (некогашни?) партнери не е сеуште толку широка, па со едната нога можеме да стоиме во Европа а со другата во Америка. За тоа што ќе правиме ако таа пукнатина се прошири и ако мораме да скокнеме на едната или на другата страна, не сакаме да размислуваме. Но, тоа време може да дојде и поскоро одошто мислиме.Свесни дека географски сепак сме во Европа, претставници на власта, поддржани од соговорници новинари, се обидуваат да ја релативизираат својата одговорност за застојот во процесот на преговори со ЕУ за полноправно челнство во ЕУ префрлајќи ја „топката“ на Бугарија и на Европа.
Забележувам дека играат на надежите дека , во светлината на „руската опасност“, нашата вредност пораснала и дека ЕУ ќе смисли нешто за да не турне во Унијата како што тоа го стори Америка со НАТО. За жал, со повлекувањето на американската поддршка за Украина и крајот на војната, цената на идните членки на Унијата не расте туку паѓа. На масата во Брисел, верувам, се плановите за продлабочувањето на ЕУ во најчувствителниот сектор, безбедноста. Ова ќе ги стават во втор план проширувањето. И некни објавената програма на новата германска влада не укажува на ургентност во процесот на проширување. Во неа се зборува за индивидуална евалуација на достигнувањата на кандидатите за членство, низ еден скалест пристап до полноправно членство, навестувајќи дека еуфоријата за проширување завршила па она што важело колку вчера, во времето на Бајден, не важи денес, во времето на Трамп.
ЕУ, а пред се големите европски сили, ги чека колосалната задача да изградат своја безбедносна структура, независна од политиката на Америка која го доведува во прашање НАТО. Во таа идна активност на продлабочување на Унијата, најмалку што во моментов им треба на големите европски сили е да им се „плеткаат“ државите од Западен Балкан, Украина, Грузија и Молдавија. За нив, новата германска влада предвидува успорен процес на придружување до полноправното членство. Можеби причината е што уште се сеќаваат на зборовите на нивниот некогашен канцелар Ото фон Бизмарк. Имено, години пред Првата светска војна, на прашањето како гледа на иднината на Европа, Бизмарк, предвидел мир и просперитет за континентот со една додавка:„Освен ако не се случи некоја глупост на Балканот“. Денес светот е полн со глупости. На кое царство да му се приклучиме: на европското, кое уште ги бие тапаните на војната или на американското, кое нуди мир ама бара „да му го бакнеме задникот“?!.