Анегдотата вели дека францускиот премиер Таљеран, државник, дипломат и политичар кој се одржал на власт за време и после Наполеон, пред да испрати еден млад соработник во дипломатска мисија го предупредил: „И, пред сè, без многу жар“. Таква, имено, е надворешната политика политика – сфера вон ваша контрола која бара смиреност, такт и интелигенција. Премногу жар имаше во кажувањето на македонскиот премиер Мицкоски за своите дипломатски мисии. Се добива впечаток дека од Вашингтон каде што „прв го запоседнал теренот“ се враќа заслепен од светлоста на меѓународната сцена. „Мора да почнеме да победуваме во Вашингтон, Брисел, Берлин, Париз, Рим, Лондон и секаде…“. Со кое „оружје“, се прашуваме? Со „вистинската вистина“, вели премиерот. Оние кои разликуваме само вистина и лага, тешко разбирме што е „вистинска вистина“.
Има една закономерност во мојата област на меѓународната политика: во периоди на мир и просперитет, во теоријата и во праксата, меѓу научниците и политичарите, доминираат таканаречените „идеалисти“, додека во периоди на војна таканаречените „реалисти“. „Идеалистите“ веруваат во еволуција на односите во меѓународното општество на држави кон подобро. Тие веруваат дека исто онака како државите еволуирале во поглед на демократијата, правната држава, човековите и социјалните права, тоа се случува и со односите меѓу државите. Реалистите, пак, веруваат дека низ целокупната човекова историја, меѓународната политика е „истата проклета работа, одново и одново“: моќ, интереси, рамнотежа на сили и перманентни војни. Трамп, секако, не може да се нарече идеалист, туку реалист од прва категорија. Ако, како што тоа го прави премиерот на Македонија, Мицкoски, одите кај него со списокот на неправдите сторени кон нашата држжава од осамостојувањето па до денес, мора прво да се прашате дали можеби сте ја погрешиле адресата. Имено, реалист каков што е, американскиот претседател ќе има нула разбирање меѓународното право и правдата, единственото оружје на малите држави во меѓународните односи, а понајмалку ќе има разбирање за вашата „вистинска вистина“.
Размислете. Ако во униполарниот момент на доминација на Америка со светот, кога беше прогласена победата на демократијата и на правото, не ни успеа да добиеме поддршка за името затоа што надвладеа интересот и силата, а не правото и правдата, што може да се очекува денес кога претседателот на Америка, со зборови и на дело, покажа дека „might makes right“ ( силата кажува што е право“). Списокот на нашите „болки и фрустрации“, како впрочем и во 1991, почнува со „името“. Еве една илустрација од разговорот на претседателот Глигоров со државниот секретар Лоренс Иглбергер и советникот за национална безбедност генералот Брент Скокрофт во Белата куќа во Вашингтон во 1992. Скокрофт му вели на претседателот дека држави менувале име и порано. Интервенирам со констатацијата дека тоа секогаш било од нивна добра волја и дека тоа не се прави под закана. Неговиот смирен одговор беше дека сепак се прави и под закана, ако самиот опстанок на државата е доведен под знак прашање. Опстанокот на Македонија? Да: тоа требаше да се разбере дури и во свет кој прогласи победа на демократијата и на меѓународното право. Зошто не разбра навреме дека опстанокот на твојата држава е доведен во прашање, зошто не работеше за мир, зошто не преговараше, зошто не ги направи потребните отстапки и компромиси, грми денес Трамп во комуникацијата со Зеленски. Одговорот би бил: Заради твојата држава Америка и политиката која ја водеше кон Русија, но Трамп тогаш би реплицирал – си требало да мислиш со своја глава и да ја ставиш Украина на прво место.
Зборот ми е дека, сега во услови на „трансакциска“ надворешна политика, Трамп ќе праша што добива, а што губи неговата држава доколку ги исполни вистинските желби на новата власт во Македонија: поништување на меѓународните договори кои ја немаат поддршката од мнозинството Македонци, потпишани од нивните претходници. Заради неправдите сторени кон нас да ги наруши односите со Грција, Бугарија и Албанија. Што мислите, како ќе се определи човекот кој проценува се од аспектот на интересот за Америка а не од принципите на меѓународното право? Со списокот на нашите „фрустрации и болки“ во раце, уште и можевме да очекуваме нешто за Македонија во ерата на „идеалистите“. Во светот на „реалистите“, пак, вашите „болки и фрустрации“ можат само да се зголемат зашто лесно можете да бидете искористени и фрлени. Без пардон. Зарем искуството на Украина не е доволно да разбереме каква е меѓународната политика? Денко Малески