Воедно, се повикува на нашето стратешко партнерство кое е доведено во прашање кога се работи за севкупните трансатлантски односи, ама е гранитно цврсто меѓу Македонија и Америка(!?). Нам како држава, „конвенционалната“ (либералната) политика ни донесе само мир, а оваа „неконценционалната“ (десната) ќе ни донесе војна ако добро не се замислиме и не најдеме сопствен одговор на предизвиците. За почеток, треба да разбереме дека тука има две приказни.Едната е приказната на малите држави на Источна Европа кои, во портага по безбедност, јурнаа под американскиот безбедносен чадор по падот на Берлинскиот зид. Под закрила на Америка тие најдоа мир и просперитет каков што најде Западна Европа после Втората светска војна. За сите нас, тоа беше мир кој траеше 35 години. За оние кои ја знаат вредноста на мирот тоа е добра бројка на години, ако го земеме предвид фактот дека вечен мир не постои во анархичната структура на меѓународното општество. Вечен мир има само на гробишта. Втората приказна е онаа за големите сили кои ја држат рамката на светската политика и кои се во еден перманентен ривалитет за моќ и доминација. Е, тука, во оваа приказна, Америка се „преигра“ а нејзините главни европски сојузници Германија и Франција, иако свесни за грешката не се спотивставија доволно енергично.
Сетете се на изјавата на Ангела Меркел на самитот на НАТО во Букурешт 2008, поддржана од Николас Саркози, дека идејата за инкорпорирање на Украина во алијансата е рамна на објава на војна за Русија. Зад таа битка меѓу демократијата и автократијата во светот се одвиваше и обидот на едната голема сила да ја ослаби другата. И сега, се гледа јасно дека ова била војна помеѓу две големи сили во која настрада Украина која не успеа да ги разбере реалностите на тој ривалитет за моќ и сопствената позиција во него. Ривалитет кој го доведе човештвото на работ на нуклеарна војна. Затоа, кога се упатуваат критики на политиката на ширење на НАТО во Источна Европа, да бидеме праведни: проширувањето на НАТО и на ЕУ во Источна Европа беше добро за сите нас. Добра беше и политиката на мултилатерализмот, политиката на владеењето на правото во меѓународните односи со неповредливост на границите и политиката на човекови права. Згора на тоа,раѓањето и опстанокот на Македонија како држава, во голема мерка, и го должиме на тој „униполарен момент“ во кој Америка беше едно бенигно чудовиште кое не примаше на разговор и ни даваше поддршка во замена за споделените демократски либерални вредности. И уште повеќе: големите теми кои задираа во самиот наш опстанок беа вообликувани и од политиките на Америка и на ЕУ: не спасија од граѓанска војна и помогнаа во решавањето на спорот со Грција.
Денес, раководена од новата десничарска идеологија и од новата „трансакциска политика“, Америка сврти нова страница во својата историја која може да биде опасна за нас. Затоа, со променетиот свет мора да се менува и нашата надворешна политика. Имам впечаток дека новата власт во Македонија не е сосема свесна во каква деликатна ситуација се наоѓаме како држава. Премиерот со својата посета на конференцијата на американските конзервативци и министерот за надворешни на Австралија ми наликуваат, по малку, на политичари кои го загубиле компасот во меѓународната политика. Времето на ставање бланко потпис на поддршка под секоја американска политика е зад нас. Тоа значи дека зад нас е и времето на лесно владеење за македонските политичари и колнење во верноста кон Америка и ЕУ. Самите тие, САД и ЕУ, се во конфронтација. На кое царство ќе се приклониме ние, е прашање кое ќе бара секојдневни одговори од македонските политичари. Национализам, ксенофобија, непочитување на човекови права, омраза кон муслиманите , се нешта кои не ни требаат нам зашто не сруши од внатре. Во таа смисла, останува надежта дека другата половина од американските гласачи ќе успее да го смени курсот на наредните избори, иако е многу неизвесно каков воопшто ќе биде светот после Трамп. Вредното што го гледам од оваа смена на власта во Вашингтон е крајот на војната во Украина. Но, тоа нема да биде крај каков што очекувавме и во кој агресорот Русија ќе ја научеше лекцијата, туку токму спротивното: силата одново ќе добие легитимација во меѓународната политика. Што и да мораме да направиме ние во иднина, мораме да мислиме и со своја глава. Се разбира, последно нешто што и треба на Европа е кавга со Америка, ама мораме да научиме да застанеме во одбрана на својот интерес. Шок терапијата на Трамп ќе ја разбуди ЕУ во насока на грижа за безбедноста и просперитетот на својот континент. Се очекува многу планови да бидат ставени на европската маса во наредните месеци. За жал, ние не сме на масата на ЕУ, а кога не си на масата ќе бидеш во менито, вели старата поговорка.